• сабота, 23 ноември 2024

Преспа институт: Расте еврооптимизмот кај граѓаните, најголем дел ја третираат Србија како најголем пријател на земјава

Преспа институт: Расте еврооптимизмот кај граѓаните, најголем дел ја третираат Србија како најголем пријател на земјава

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Последното анкетно истражување во рамки на Опсерваторијата на влијанието и имиџот на државите, спроведено од Преспа Институт, покажува дека најголемиот дел од граѓаните ја третираат Србија како најголем пријател на земјава, меѓутоа се забележува пораст на граѓаните кои ја сметаат Европската унија за најголем пријател на државата, пораст кој што е евидентен од 2022 година па наваму.

Второто анкетно истражување спроведено во 2023 година беше презентирано денеска, а со него  се испитани ставовите на граѓаните за надворешната политика на државата, како и за соработката со различни држави и вредности кои земјава ги споделува.

Извршниот директор на Преспа Институтот, Андреја Стојковски, вели се забележува стабилизирање на емоциите кај граѓаните кога станува збор за пост-пандемискиот период и периодот на блокадите на земјава во пристапувањето во ЕУ и се бележи пораст на еврооптимизмот кај граѓаните.

-Ова е второ анкетно истражување и втор општествен експеримент спроведен во 2023 година со шест месеци разлика од првото и второто истражување. Се обидувавме повторно да ги прашаме нашите граѓани како ги опсервираат надворешните односи на државата, надворешната политика, соработката со различни држави и вредности кои ги споделуваме и она што можеме да го забележиме, имајќи ги предвид минатите циклуси, се забележува стабилизирање на емоциите и на чувствата кај граѓаните, кога станува збор за пост-пандемискиот период и периодот на блокадите на Македонија во пристапувањето во ЕУ. Повторно Србија е најголемиот пријател или најголемиот дел од граѓаните ја третираат Србија како најголем пријател на земјава, меѓутоа се забележува пораст на граѓаните кои ЕУ ја третираат како најголем пријател на државата, изјави Стојковски.

Анкетата, спроведена од 23 ноември до 11 декември, покажува дека споредено со месец мај, кога 60 проценти од граѓаните рекле доколку во недела се одржи референдум за пристапување кон ЕУ би гласале „за“, сега 67 проценти рекле дека би гласале „за“. Од друга страна, додава Стојковски, ако во мај 60% рекле дека ЕУ е најдобра опција за Македонија, сега 70 проценти од испитаниците се изјасниле дека ЕУ е најдобрата опција.

-Ги прашавме што е другата алтернатива оние кои што бараат друга алтернатива и тука добивме различни одговори. Голем дел идентификуваат различни типови на интеграции, Евроазиската унија се споменува, БРИКС се споменува, Неврзаните се споменуваат, многу интересно се споменува и Југославија, како и Балкански сојуз или „Open Balkan“, рече Стојковски.

Посочи дека голем дел од политичките партии кои припаѓаат на македонскиот етнички блок и речиси сите политички партии од албанскиот блок сметаат дека Европската унија е најдобрата алтернатива за земјава.

Во 90 отсто, како што наведе, се групираат огромен кластер од политичките партии кои што сметаат дека ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија. - Тука влегуваат голем дел од македонскиот етнички блок и речиси сите, ако не и сите од албанскиот етнички блок. Во помали вредности „најдобра опција ЕУ“ е ВМРО-ДПМНЕ, во многу мали вредности „најдобра опција ЕУ“ е за гласачите на Левица. Кога станува збор за потенцијалните гласачи на ЗНАМ, тогаш тие најмногу би се определиле за Неврзаните или за некоја друга форма на поврзувања, иако и таму се забележува голема група на гласачи кои би се определиле за ЕУ“, истакна Стојковски. ра/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан