• петок, 22 ноември 2024

Препораки од КЗБ против ширење на грипот, не се одложува почетокот на второто полугодие од учебната година

Препораки од КЗБ против ширење на грипот, не се одложува почетокот на второто полугодие од учебната година

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи и во домовите за стари лица и забрана на посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица, препорачува Комисијата за заразни болести.

Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски во изјава за медиумите дадена по седницата на Комисијата рече дека моментално има зголемување на бројот на случаи од грип, но дека во моментот не постои загрозување на општата јавна здравствена состојба.

- По однос на состојбата со грип моментално имаме зголемување на бројот на случаи и споредено со минатата недела и споредено со просечниот број на случаи во минатите 13 години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на највулнерабилните, на најлесно повредливите луѓе, тоа се постарите луѓе над 65-годишна возраст, луѓето со хронични болести и нив ги повикуваме, доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација, да се заштитат со примање на вакцина против грип, рече Петличковски.  

Грипот, како што посочи, го надминал бројот на случаи на Ковид кој е во опаѓање. Во однос на големата кашлица рече дека во земјава остануваат двата регистрирани случаи.

- Се наоѓаме во период кога во регионот, во Европа се зачестуваат случаите на голема кашлица и оттука препораката, моментално стоиме на околу 83,9 проценти покриеност со примовакциналната серија, односно со првите три дози што се примаат во втор, четврти и шести месец после раѓање. Тоа не е бројка што ја посакуваме и затоа ги повикуваме родителите кои ја прескокнале вакцинацијата за пертусис, да ги пополнат, да ги надополнат овие промашени дози, со тоа што на тој начин, обезбедуваат најдобра заштита за малите деца на возраст до две години, бидејќи пертусисот - големата кашлица е најопасна болест за малите деца и вакцинацијата е со таа цел да се намалат ризиците кај нив, нагласи Петличковски.  

И покрај тоа што наредната недела стартува второто полугодие од учебната година, како што рече Петличковски, засега нема потреба од  нешто посериозно. 

-  Стартува учебната година. Во моментов нема ризик дека нешто специјално страшно ќе се случува и затоа е тоа потсетување на хигиенските мерки, на проветрувањето. Во моментот нема потреба од нешто посериозно, рече Петличковски.  

Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ информираше дека од почетокот на сезоната починати се шест лица со грип.

Последниот случај, станува збор за женско лице на околу 45/46 години со коморбидитети. Во моментот, седум лица се хоспитализирани на Инфективната клиника, петмина со потврда, а за две се чека. Шест лица се хоспитализирани со Ковид-19, појасни Стевановиќ. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан