Пренџов: Цените растат, а Владата нема стратегија
- Најпрво за она што граѓаните секојдневно го чувствуваат по својот џеб т.е. цените во продавниците. Изминатиов месец имавме инфлација од 8,8%, односно да бидам поконкретен, тоа што нас граѓани
Скопје, 13 април 2022
Денешната прес конференција би сакал да ја искористам за да Ве известам за актуелните случувања во македонската економија.
Најпрво за она што граѓаните секојдневно го чувствуваат по својот џеб т.е. цените во продавниците. Изминатиов месец имавме инфлација од 8,8%, односно да бидам поконкретен, тоа што нас граѓаните најмногу не’ интересира – порастот на цените на мало изнесува цели 9,6%.
Ќе прочитам дел од податоците кои ги објави Државниот завод за статистика.
Пораст на трошоците за живот во март 2022 година, во споредба со март 2021 година, е забележан кај млекото, сирењето и јајцата за 7,4%, лебот и житата за неверојатни 16,5%, месото за 6,7%, зејтинот за 21,6%, овошјето за 13,2%, зеленчукот за 17,7% итн.
Понатаму, во март имаме пораст кај гасот за 37,8%, течни горива за 72,6%, електрична енергија за 9,4%, топлинска енергија исто така за 9,4%, угостителски услуги за 9,7%, транспортните услуги за 18,5% итн.
Почитувани,
Цените растат, а Владата нема стратегија. Секојдневно гледаме протести на различни групи на граѓани кои бараат покачување на платите поради повисоките трошоци. Живеачката е тешка и е на работ на издржливост.
Сакајќи да избегаат од темата за животниот стандард на граѓаните, власта креира разни тривијални теми со кои би се занимавала јавноста. Тука сме да ги потсетиме дека темите што живот значат, мора да имаат приоритет.
Почитувана јавност, уште не запролетило, а веќе имаме околу 200 милиони евра буџетски дефицит. Наспроти овој дефицит имаме скромни само 80 милиони евра капитални инвестиции. При носењето на Буџетот за 2022 година од власта се фалеа дека оваа година ќе го реализирале златното правило за повисоки капитални расходи од буџетски дефицит, но само три месеци подоцна, бројките ги вадат на чистина дека се неспособни и дека немаат економски тим. Речиси два и пол пати буџетскиот дефицит е поголем од капиталните расходи.
И ова не го зборува само опозицијата. Пред неколку дена излезе пролетниот извештај на Светска банка според кој за Македонија се прогнозира најмал економски раст во регионот, односно додека на Македонија и предвидуваат 2,7% раст, на Албанија и предвидуваат 3,2%, на Косово 3,9%, на Србија 3,2%, на Босна и Херцеговија 2,9%, на Хрватска 3,8%.
Почитувани,
Власта ништо не работи гледано по сите параметри. Оставени сме сами на себе и граѓаните и стопанството. За жал, власта не е наш партнер. Владеачките структури се грижат само за нивната лична корист.
Токму затоа на Македонија и македонското општество се потребни избори час поскоро. Неспособниве мора да си заминат, а со тоа штетите по државата, стандардот на граѓаните и економијата ќе бидат намалени.
Љупчо Пренџов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“
Центар за комуникации ВМРО-ДПМНЕ
___________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.