• четврток, 22 февруари 2024

Премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во продукција на МКЦ во Копенхаген

Премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во продукција на МКЦ во Копенхаген

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Светската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, ќе биде на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX“ на 23 март 2024 година во Копенхаген, Данска, соопштија денеска од ЈУ Младински културен центар.

- Музичкиот документарен филм што се снимаше во текот на април годинава, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност. Премиерата на филмот, закажана за 23 март 2024 во рамките на „CPH:DOX“ ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, каде членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот, ќе бидат отсвирени најпознтите песни од бендот „Ефтеркланг“, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам, се наведува во соопштението.

Филмот, како што се додава, ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата држава.

- Во тој процес на регртурација на членови за новиот супер состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект. Режисер на филмот е Андреас Јонсен, наградуван дански документаристички режисер чиј филм „Ai Weiwei: The Fake case“ го отворил изданието на „CPH:DOX“ во 2013 година. Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски, се додава во соопштението.

Во писмената изјава на Владица Младеновски од МКЦ, се наведува дека тие се многу возбудени за приликата да се испробаат и во филмот.

- МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на „Ефтеркланг“ на музичкиот фестивал „Здраво млади“. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот „Македониум“, што покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе се случи на „CPH:DOX“ беше огромно изненадување, се додава во писмената изјава.

Светската премиера заедно со концертниот настап ќе се случат во познатата сала „DR Koncerthuset“, што за време на изградбата во 2007 година, важела за најскапата музичка сала некогаш изградена. Архитектот Жан Нувел, за дизајнот на „DR Koncerthuset“, се здобива и со Прицкерова награда за архитектура.

Реализацијата на филмот е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. бд/дма/

Фото: МКЦ

Остани поврзан