• сабота, 23 ноември 2024

Прекината седницата на Советот на Општина Кочани поради некоординираност на советничките групи

Прекината седницата на Советот на Општина Кочани поради некоординираност на советничките групи
Кочани, 31 јануари 2022 (МИА) – Советот на Општина Кочани не ја заврши работата на шестата редовна седница според целосниот дневен ред, откако таа беше прекината по разгледувањето и усвојувањето на десеттата точка. Претседателот на Советот, Лазо Митев најави дека ја прекинува седницата, што наиде на реакција кај советниците од опозицијата кои побараа образложение за таквата одлука. -Ќе кажам дека по однос на дневниот ред, за останатите точки, очекував дека ќе има договор помеѓу координаторите на советничките групи, меѓутоа сепак немаше донесено таква одлука. Седницата ја прекинувам и се надевам дека до петок ќе се договорат во врска со истите, истакна Митев. По прекинувањето на седницата дел од советниците упатија забелешка дека вистинската причина не е немањето договор меѓу координаторите, туку отсуството на една советничка која е во домашна изолација поради позитивен резултат на ковид тест. Токму со нејзиното отсуство мнозинството во Советот нема доволен број гласови за усвојување на останатите точки, поради што ќе се почека да заврши рокот за изолација на советничката. На дневниот ред на седницата не беа разгледани извештајот и планот за работа на КЈП „Водовод“, планот за јавни набавки, одлуката за просечните цени на земјоделското и градежното земјиште, но и предлог - решенијата за разрешување и именување нови членови на управните одбори на „Водовод“, детската градинка „Павлина Велјанова“, билбиотеката „Искра“ и СОУ „Љупчо Сантов“.та/вј/

Остани поврзан