Презентиран Документ за проценка на заканите од сериозен и организиран криминал SOCTA 2025
- -Вкупниот број на поднесени кривични пријави е на институционално највисоко ниво во последните 10 години. Верувам дека ако дејствуваме здружено, можеме да направиме вистинска разлика, истакнал Лакордов на настанот на кој бил презентиран Документот за проценка на заканите од сериозен и организиран криминал SOCTA 2025, во кој се содржани и податоци за откриени и спречени кривични дела од страна на Царинската управа.
Скопје, 11 јуни 2025 (МИА) - Како дел од акцијата „Шилд“ на Европол, Царинската управа успешно спречила два меѓународни канала за нелегална трговија со анаболични стероиди, при што биле запленети 600 килограми супстанции штетни за здравјето на граѓаните. Во соработка со Бирото за јавна безбедност (БЈБ) се запленети и речиси 200 килограми марихуана.
Помошник директорот за контрола и истраги на Царинска управа, Влатко Лакордов, денеска на настан организиран од БЈБ соопштил дека од октомври 2024 до сега, поднеле 65 кривични пријави за криминални дела со употребувани возила коишто може да бидат употребувани и во криминални дејствија доколку нема евиденција при нивниот увоз.
-Вкупниот број на поднесени кривични пријави е на институционално највисоко ниво во последните 10 години. Верувам дека ако дејствуваме здружено, можеме да направиме вистинска разлика, истакнал Лакордов на настанот на кој бил презентиран Документот за проценка на заканите од сериозен и организиран криминал SOCTA 2025, во кој се содржани и податоци за откриени и спречени кривични дела од страна на Царинската управа.
Како што информира Царината, Лакордов потенцирал дека во време на постојани промени, глобалната поврзаност и технолошкиот напредок, отворени се многу можности, но и сериозни предизвици.
-Организираниот криминал денес е побрз, пофлексибилен и поиновативен од кога било досега. Од нас се бара одговор што е уште поцврст и уште покоординиран. SOCTA 2025 не е само документ или бројки – тоа е наш водич за акција. Со интеграција на податоци, соодветни анализи и со јасно дефинирани приоритети, целта е да ги препознаеме ризиците навреме, да делуваме заедно и да ги зајакнеме институционалните капацитети. Покажавме дека кога сме посветени, можеме да испорачаме сериозни резултати – и тоа не остана незабележано. Нашите партнери знаат дека Македонија е доверлив играч на меѓународната сцена, истакнал Лакордов.
На сите гранични премини, посочил тој, веќе е поставен модерен видеонадзор и систем за препознавање таблички, „а до крајот на летото со грант од Република Кореја Царинската управа ќе има нов систем за анализа на ризик и податочен склад којшто со помош на вештачка интелигенција ќе препознава сомнителни пратки“. Воедно се работи и на имплементација на нов систем за контрола и истраги, што ќе овозможи уште подобро менаџирање со случаи, но и технолошка поддршка за форензички анализи.
-Ова ќе овозможи зајакната заедничка борба за побезбедно, посигурно и пофер општество за сите. За таа цел, Царинската управа ќе продолжи да биде активен дел од националните и европските иницијативи, целосно посветени на имплементација на стратегиите за борба против организираниот криминал, потенцирал Лакордов. хс/ цр
Фото: Царинска управа на Република Северна Македонија