• вторник, 23 јули 2024

Предлог на законот за вработените во јавниот сектор го помина комисискиот филтер

Предлог на законот за вработените во јавниот сектор го помина комисискиот филтер

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Предлог на законот за вработените во јавниот сектор, по скратена постапка и со европско знаменце денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за европски прашања. За овој закон, кој е дел од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација, беа поднесени вкупно пет амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои беа одбиени.

На оваа Комисија, преостанува да помине и четрвртиот последен закон од пакетот закони подготвени од МИОА - Предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација (*), по скратена постапка.

Како што стои во образложението за овој предлог-закон во собраниската веб страна, основни цели на Законот за вработените во јавниот сектор се подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси, дорегулирање на постапката за вработување, ревизија на опфатот на законот, поедноставување на постапката за донесување на актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работни места, воведување на унапреден концепт за донесување на годишниот план за вработување, дорегулирање на постапките на мобилност и разграничување на надзорот над примената на одредбите од овој закон.

Овој предлог закон се усогласува со европските принципи, стандарди и препораки. Со предложените решенија ќе се обезбеди усогласување со Законот за прекршоците и со Законот за употреба на јазиците. фф/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан