• недела, 22 декември 2024

Предлог буџетот за 2025 оди во Собрание, Димитриеска-Кочоска најавува раст темелен на реални инвестиции

Предлог буџетот за 2025 оди во Собрание, Димитриеска-Кочоска најавува раст темелен на реални инвестиции

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Стапката на раст ја темелиме на реални инвестиции, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, ветувајќи реална реализација на планираните 50 милијарди денари за капитални инвестиции со Предлог-буџетот за 2025 година, што денеска ќе биде доставен до Собранието.

- Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-40 милиони евра за капитални инвестиции. Коридорите 8 и 10 Д, каде министерот репреговара во насока на тоа да имаме реална реализација, се еден од приоритетите,  исто така и општините, а приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи.  Во Образование, покрај обнова на студентските домови во преговори сме за доизградба на училишта и спортски сали, изјави Димитриеска Кочоска по брифингот со медиумите.

Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на БДП од 3,7 проценти, изнесе податоци за претходните години и  аргументи за плановите за следната година, потенцирајќи дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари.

-Во 2022 година во делот на капитални инвестиции сме имале 18 милијарди денари реализација, меѓутоа таа реализација кога ќе тргнете да ја анализирате нагоре се во суштина класични трансфери коишто се префрлани до јавни претпријатија и акционерски друштва при што во овој дел 14 милијарди не се влезени оние паднати гаранции. Знаете колку била реализацијата на капиталните инвестиции во 2022 година, и ако на тоа или од тој износ го одземете овој ќе видите колку е реалната реализација на капиталните инвестиции. Морам да напоменам дека има и многу капитални трансфери коишто исто така се направени за некакви нефинансиски или нематеријални вложувања и тоа е веќе прашање исто така каков тип на инвестиции се, дали дава некаква дополнителна вредност, рече министерката за финансии.

Во 2023 година, како што дополни, иако во планот биле буџетирани 17 милијарди се завршува со 23 милијарди повторно на вакви инвестиции, односно евидентирани како инвестиции кои во реалноста завршувале за плати, за набавка на репроматеријали итн. И плус на ова додадете ги повторно паднатите гаранции коишто ги имаме во износ поголем од пет милијарди денари и две милијарди на општините трансфер на крајот на 2023 коишто до овој момент имаат премногу слаба реализација. Кога ќе ги соберете математиките ќе видите дека ние реално во годините не сме инвестирале повеќе од 15 милијарди денари реално. 

- За споредба, во  2025 година такви работи нема. Трансфери за ЕСМ нема, трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки, а не да ги „билдаме“ капиталните, што значи дека она што го гледате како 50 милијарди денари се реални инвестиции, рече Димитриеска Кочоска. 

Според неа, проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции.

- Она што бев многу шокирана изминативе денови беше тоа дека имаме одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10, одобрени уште во 2021 година и се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада. Ова само покажува дека воопшто немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Многу било полесно овие 23 милијарди, 30 милијарди трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друштва, уништувања на тие друштва и денес креирање на дополнителни проблеми. Е тоа е тоа што ние денес го менуваме. Ваквата политика ни донесе стапка на раст таква каква што имавме во минатото, а ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции, наведе Димитриеска Кочоска.

При проектирањето на Буџетот, имало големи барања од страна на министерствата, а доколку биле вклучени сите барања посочи дека буџетскиот дефицитот ќе изнесувал 13,5 проценти односно над две милијарди евра.

Имаме, информираше министерката, 3,5 милијарди зголемување на ставката на плати, 2 милијарди зголемување во блок дотации, кои се за образование повеќе, во делот на Фондот за здравство зголемување од 5,2 милијарди денари, кои треба да ги обезбедат дополнително платите на здравствените работници и плус на тоа има бафер од 2 милијарди денари во функции на држава, средства коишто ќе можеме да ги спуштиме откако ќе знаеме што е постигнато и договорено на Социо-економскиот совет којшто го предводи министерот за економија.

Планирани се 15 милијарди денари зголемување на ставката на пензии, уште 2 милијарди денари зголемување кон Фондот за здравствео осигурување по овој основ. Тоа се средства коишто како растат пензиите така треба како процент да се зголемуваат и кон Фондот за здравствено осигурување.  Кај социјалните трансфери  има околу 500 милиони денари зголемување во однос на ребалансот на Буџетот, а од проектите коишто треба да ги воспостави Министерството за социјала, министерката за финансии рече дека очекува со воведување на единствен регистар за податоци да има правилно искористување на средствата наменети за социјална помош.

Владата на седница во вторникот го усвои Предлог буџетот за 2025, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходите 6,5 милијарди евра. По доставувањето во Собранието, следува 10-дневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Буџетскиот дефицит е проектиран на четири проценти, а инфлацијата  2,2 проценти. лв/ра/

 

Остани поврзан