• среда, 26 март 2025

Преговорите меѓу американската и руската делегација во Ријад продолжуваат и по повеќе од девет часа

Преговорите меѓу американската и руската делегација во Ријад продолжуваат и по повеќе од девет часа

Ријад, 24 март 2025 (МИА) - Претставниците на САД и Русија ги продолжуваат преговорите во Ријад повеќе од девет часа, по нова пауза, пренесуваат агенциите. 

Претходно трипати преговарачите најавуваа прекини. Според претставник на руската делегација, учесниците веќе планирале да ги завршат консултациите, но средбата продолжила.

Преговорите се одржуваат зад затворени врати во хотелот „Риц Карлтон“, каде што Вашингтон се обидува да посредува за ограничен прекин на огнот по повеќе од три години борби во Украина.

Клучен фокус на преговорите е обезбедувањето запирање на нападите врз енергетските капацитети. И Русија и Украина начелно се согласија на ова делумно примирје, но тоа допрва треба да се спроведе.

Соединетите Американски Држави, исто така, вршат притисок за продолжување на прекинот на огнот на бродските рути во Црното Море.

Делегацијата на Москва ја предводат дипломатот од кариера Григориј Карасин и Сергеј Беседа, висок разузнавач и близок човек од доверба на рускиот претседател Владимир Путин.

Во составот на американската делегација во Саудиска Арабија се американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог и американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц, како и Ендрју Пик, директор за Европа во Националниот совет за безбедност и Мајкл Антон, директор за политичко планирање во Стејт департментот.

Претходно, саудиски медиуми објавија дека украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров пристигнал на нова рунда разговори во Саудиска Арабија. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан