• среда, 27 ноември 2024

Превентивна активност на СВР Велес со планинарските друштва

Превентивна активност на СВР Велес со планинарските друштва
Кавадарци, 30 октомври 2022 (МИА) - Секторот за внатрешни работи Велес во претстојниот период планира повеќе средби со раководствата на планинарските друштва со превентивно-едукативна цел како дел од планираните активности. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека во текот на денешниот ден, во селото Мрежичко се одржала првата ваква средба, со раководството на планинарското друштва „Орле“, во кое членуваат над 100 љубители на планинските предизвици, a на која претставниците од Отсекот за превенција на СВР Велес, поблиску ги запознале со насоките за безбедно планинарење и за тоа, што и како треба да направат пред да ги реализираат нивните активности. - На присутните, исто така, им беше објаснето дека пожелно е однапред да ги пријавуваат планинарските тури и точните локации каде планираат да се движат, застануваат или преноќуваат. Ова, посебно кога турите се изведуваат во зимски услови и кога планинарите, домашни или странски, недоволно го познаваат теренот за движење. На тој начин ќе се придонесе побрзо да се лоцираат при евентуални проблематични ситуации по нивната безбедност, информираа од МВР. Притоа додадоа дека целта на овие насоки и укажувања, односно на тековните и идни активности со планинарите од Тиквешијата, е, да се придонесе да се намалат повремените заталкувања на поединци-планинари или љубители на разните екстремни спортови, какви што се случуваа минатата и оваа година. - Покрај едукативната работилница со членовите на планинарското друштво, во соработка со претставници од Дирекцијата за заштита и спасување и ППЕ од Кавадарци, беше изведена показна вежба за спуштање и качување од карпа, а истовремено беа заеднички извидени и планинарските патеки и пештери кои се често посетени од љубителите на планинарските спортови, а професионални водичи на планинарското друштво, покажаа дел од нивната опрема што ја користат при планинарење, но и при  различни спасителни мисии, соопштија од МВР. свд/сх/

Остани поврзан