• понеделник, 23 декември 2024

Прв концерт на Националниот џез оркестар

Прв концерт на Националниот џез оркестар

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) – На сцената на Националната опера и балет синоќа своj прв концерт насловен JAZZ NOVA одржа новоформираниот Национален џез oркестар  под диригентската палка на Џијан Емин, кој во изминатите седум години работеше како Здружение на џез музичари „БИГ БЕНД“, а  со одлука на Владата доби статус на Национален џез оркестар. На првиот концерт беа застапени аранжмани од  македонски автори како Шпато, Илија Пејовски, Владимир Николов и Александар Пејовски, како и композиции од членовите на оркестарот: Гордан Спасовски кој свири пијано и клавијатури и директорот на оркестарот Гоце Стевковски, од Сашко Николовски кој свири прв тромбон, од диригентот  Џијан Емин, од Трајче Велков кој свири труба. Визуелизацијата за концертот е на Емил Петров.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на свеченото отворање им посака успешна работа. Потенцира дека со многу љубов, разбирање, работа, почит и визија стигнале до првиот официјален концерт на новоформираната национална установа од областа на културата Националниот џез оркестар.

-Токму овие музичари со нивното страсно музичко дејствување и влијание ја наметнаа потребата  од формирање на државен Биг бенд. Нивната работа ја продолжува традицијата што ја носат нашите музичка култура што ја имаше телевизискиот оркестар на МРТ. Благодарност кон основоположниците на овој жанр од сегашните генерации и младите кои се школуваа во овој музички стил, од срце им честитам и неизмерно му се радувам на новиот почеток на џез оркестарот. Уверена сум дека овие музичари познати во регионот ќе посегнат и кон врвот на светската џез сцена, истакна министерката Костадиновска Стојчевска.

Воедно најави дека на тој план ќе ги подржат како Министерство и како Влада. 

По концертот директорот на Националниот џез оркестар Гоце Стевковски за МИА изјави дека формирањето на оркестарот  е резултат на работата на индивидуален и заеднички труд на повеќе музичари кој пред седум години започна со формирањето на Здружението на џез музичари, потоа преку Биг бендот и на крај со одлука на Влада доби статус на Национален џез оркестар.

-Решивме почетокот да го одбележиме со македонски композитори, а во иднина на нашите концерти ќе свириме и Френк Синатра и многу познати светски џез автори, со што публиката ќе ужива, најави директорот Стевковски.

Информира дека освен во Скопје ќе имаат концерти и во Центрите-Домовите  за култура во градовите низ земјава, а со цел публиката да може одблиску  да ги запознае.

Сенад Усеин кој свири труба во оркестарот за МИА вели дека како музичар кој работеше во бендот е пресреќен што се формира Национачниот џез оркестар чиј член е и тој.

-Огромен труд кој беше вложен конечно се оствари со нашиот прв концерт на Националниот џез оркестар. Благодарност до министерката и нашиот директор Гоце Стевковски и сите наши соработници кои ни помогнаа да се оствари овој чекор, а се  што следува понатаму со нетрпение го очекуваме, истакна Усеин.

Трајче Велков прва труба во оркестарот чија  композиција беше изведена на концертот исто така истакна дека е пресреќен што по седум години работа на бендот конечно е формиран Национален џез оркестар.

Тој информира дека нивните концерти  се многу посетени што за нив е огромно задоволство. Очекуваат наскоро да работат во просторијата на поранешната Килимара во Националната опера и балет, што им беш доделена од министерството пред нова година.

Еден од доајените на македонската џез музика и член на поранешниот џез оркестар на МРТ Радослав Шутевски за МИА, истакна дека е еден од првите подржувачи на овој Национален џез оркестар.

-Овој оркестар ни недостасуваше, порано го имавме во МРТ, но повеќего нема. Овие млади талентирани школувани  џез музичари се’ и ќе бидат продолжувачи на тој веќе непостоечкиот џез оркестар на МРТ и  им посакувам врвни успеси, потенцира Шутевски, кој 30 години е член на групата  „Синтезис“. ад/са/

Фото: МИА/Министетсво за култура

Остани поврзан