• сабота, 23 ноември 2024

Прв дигитален асистент во јавниот сектор, запознајте ја Ана од ЈП Водовод и канализација - Скопје

Прв дигитален асистент во јавниот сектор, запознајте ја Ана од ЈП Водовод и канализација - Скопје
Скопје, 19 јули 2022 (МИА) - Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје ја претстави Ана, дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој има за цел да им помогне на граѓаните на Скопје со услугите на јавното претпријатие. Како што соопштија од ЈП Водовод и канализација - Скопје, ова е прва и единствена технолошка иновација од ваков вид во јавниот сектор на ниво на нашата државa, сѐ со цел побрзо решавање на барањата на граѓаните и подобрување на корисничкото искуство. ЈП Водовод и канализација - Скопје, се наведува во соопштението, ја започна оваа иницијатива со цел да им излезе во пресрет на граѓаните и да им помогне во брзо и ефикасно доставување на нивните барања, исполнување на нивните обврски без чекање и во секое време, зголемување на бројот на електронски корисници, а со тоа и да ги направи услугите на претпријатието полесно достапни за граѓаните, како и да делува во насока на намалување на трошоците. - Дигиталниот асистент може навремено да ве известува за планирани и непланирани прекини во водоснабдувањето во реонот во кој живеете во Скопје, може да ви помогне лесно да ги платите и да направите увид во вашите неплатени сметки, да пријавите дефекти на територијата на градот, и да поднесете корисничко барање. Корисниците, исто така, ќе добиваат брзи и точни одговори за прашања поврзани со услугите на Водовод, како и самата институција. Дополнително, Ана може да ви помогне да заштедите вода преку советите за штедење на вода кои ќе влијаат на вашите секојдневни навики, се појаснува во соопштението. Со воведување на ваков вид на иновација, се подвлекува, корисниците на ЈП Водовод и канализација - Скопје ќе имаат можност да добијат одговори на своите прашања и да поднесат барање без да мора да посетуваат некои од пунктовите или да се јавуваат во Контакт-центарот и на едноставен начин да пристапат до виртуелниот асистент што ќе одговори на сите нивни прашања, во секое време. цр/сст/

Остани поврзан