• понеделник, 23 декември 2024

Прв академски час за бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

Прв академски час за бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

Штип, 3 октомври 2022 (МИА) - Стартуваше академската 2022-2023 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Во дворот на Економскиот факултет на околу 1.400 бруцоши им се обрати ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски. Порача дека универзитетите постојат за младите, за развој, оформување и унапредување на нивниот потенцијал.

-Сепак, во потполност сме свесни дека пред вас, но и пред целото општество стојат бројни предизвици. Времето во коешто живееме е неизвесно, но токму најнеизвесните моменти се оние кои не учат како да ги надминуваме сопствените граници; токму тогаш треба да бидеме најупорни,најиздржиливи и посветени на нашите цели, рече Мираковски.

Годинава на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ освен студенти од земјава, има и наплив на студенти од странство, кои избираат да се запишат на програмите на англиски јазик, но и да студираат на македонски јазик. Маријана Николова дипломиран студент на Филолошкиот факултет на катедрата по македонски јазик истакна дека младите имаат иднина и во својата земја, веднаш по дипломирањето е ангажирана како професор по македонски јазик во училиште. Посочи дека дефицитарни струки, кои се бараат во училиштата се и по предметите математика, физика, хемија, биологија.

-Повеќе од потребно е во овие тешки времиња да имаме кадар по македонски јазик, бидејќи сите знаеме каква е ситуацијата. Ако не си го зачуваме јазикот , нема да си ја зачуваме својата нација, вели Николова.

Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип годинава ги награди и талентираните ученици Ивана Мазнејкова од областа на уметноста, Дамјан Давков и Амир Дестанов за постигнати европски и светски резултати во природните науки и Марко Пејчиновски од  областа на спортот. Пејчиновски се заблагодари на Универзитетот „Гоце Делчев“, а воедно истакна дека во наредниот период ќе се посвети на себе, проблем му останува тренирањето во текот на зимото, бидејќи се уште не е отворен затворен базен и мора да тренира во хотелите во Охрид.

На Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип студираат од 6.000 до 7.000 студенти од земјава и странство.вдј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан