• недела, 22 декември 2024

Прво конгресно сослушување во истрагата за импичмент на Бајден, фокусот на бизнисот на неговиот син Хантер

Прво конгресно сослушување во истрагата за импичмент на Бајден, фокусот на бизнисот на неговиот син Хантер

Вашингтон, 29 септември 2023 (МИА) - Претставничкиот дом на САД, предводен од републиканците, го одржа првото сослушување во истрагата за отповикување на демократскиот претседател Џо Бајден, помалку од три дена пред се поизвесното делумно затворање на владата, доколку не се постигне двопартиски договор за буџетот. 

Републиканците, кои ја водат истрагата за импичмент против Бајден, доставија детали за странските исплати на членовите на неговото семејство, но не обезбедија докази дека американскиот претседател лично имал корист од тоа, јави Гласот на Америка. 

На почетокот на истрагата, републиканците тврдеа дека претседателот Бајден лажел за бизнисите на членовите на семејството во странство и не презел чекори за да ги задржи надвор од неговите службени должности, додека ја извршувал функцијата потпретседател на САДС, меѓу 2009 и 2017 година. 

-Американците бараат одговорност за културата на корупција, рече претседателот на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом Џејмс Комер. 

Демократите и неколку независни сведоци рекоа дека нема докази дека Бајден добивал пари од странство додека бил потпретседател. 

Сведоците на сослушувањето, професорот на Универзитетот Џорџ Вашингтон, Џонатан Тарли и форензичкиот сметководител Брус Дубински, рекоа дека одборот има доволно докази за да отвори истрага за импичмент, но не и да гарантира обвинение.

Професорот по право, Мајкл Герхарт, од Универзитетот во Северна Каролина, рече дека не слушнал веродостојни докази за да се бара истрага и го предупреди комитетот дека тоа е мотивирано од политика. 

Четвртиот сведок, поранешната службеничка во Министерството за правда, Ајлин О'Конор, кажа дека Министерството е премногу попустливо за време на истрагата против Хантер Бајден, синот на американскиот претседател, кој беше обвинет за поседување оружје. 

Републиканците тврдат дека Бајден и неговото семејство лично профитирале од политиката што ја водел како потпретседател за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама помеѓу 2009 и 2017 година. Во одделна точка, тие исто така тврдат дека Министерството за правда се мешало во даночната истрага за Хантер Бајден. 

Белата куќа соопшти дека истрагата е неоснована и политички водена пред претседателските избори во 2024 година, кога Бајден најверојатно повторно ќе се соочи со републиканецот Доналд Трамп, кој се соочува со четири судења. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан