„Права од работен однос – достоинствена работа за младите луѓе“ - обука на МОТ
- Во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), денеска во Скопје се одржува обука насочена кон информирање и запознавање на младите работници со нивните основни права на работното место.
Скопје, 25 април 2025 (МИА) - Во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), денеска во Скопје се одржува обука насочена кон информирање и запознавање на младите работници со нивните основни права на работното место.
Обуката е во рамки на програмата „Права од работен однос – достоинствена работа за младите луѓе” и има цел да им обезбеди поддршка на синдикатите, институциите за образование и обука, како и на младинските организации во нивните иницијативи што се насочени кон подигнување на свеста на младите луѓе за нивните права на работното место.

Како што изјави за МИА националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски, останати цели кои произлегуваат од главната цел се овозможување младите работници да ја идентификуваат својата улога во придонесувањето, унапредувањето и одржувањето правични и продуктивни работни средини.
Меѓу другото, целта е и младите да се информираат за нивните права од работен однос, така што ќе бидат подобро подготвени да се справат со своите први работни искуства.

Обуката ќе се одржува и во текот на утрешниот ден, и опфаќа четири поединечни теми - младите луѓе и работата, работен однос и договор за вработување, еднаквост, дискриминација, вознемирување и насилство на работното место, како и работни услови. бт/ац/
Фото: МИА