• среда, 18 декември 2024

По 61 година, ООУ „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда

По 61 година, ООУ „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - По 61 година, општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект е 170 милиони денари. Со реализација на овој проект, ќе се изгради ново училиште на приземје плус еден кат со вкупна површина од 3.128 метри квадратни, каде ќе има 30 кабинети со вкупен капацитет за 713 ученици, информираше денеска градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

- Со изградбата на новото училиште, обезбедуваме поквалитетни услови за образование и воспитание на учениците, но и подобри услови за работа на наставниот кадар, подвлече градоначалникот, додавајќи дека се исполнува уште едно ветување дадено пред граѓаните.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека оваа капитална инвестиција ќе биде од огромно значење за квалитетот на воспитно-образовниот процес на сегашните и идни генерации ученици од оваа населба.

- Премногу долго траеја овие монтажни бараки. Конечно по шест децении ќе бидат заменети со нов, достоен објект за образување и за ова треба да им се честита на градоначалникот, на Советот, на пратениците и на сите, кои беа истрајни во изминатиот период за да стигнат до овој момент - конечно целта да почне да се реализира. Инвестирањето во образованието е темел на секое современо и просперитетно општество. Нам како Влада, тоа ни е сосема јасно и затоа оваа област е поставена меѓу високите приоритети во програмските определби, нагласи министерката.

Јаневска рече дека инфраструктурата е еден од трите столбови на што се потпира квалитетот на образованието, покрај наставните програми и учебниците и мотивираните наставници.

- Во таа насока, сакам да информирам дека Министерството за образование и наука во моментов реализира 36 крупни капитални инвестиции, односно изградби на училишта и темелни реконструкции, како и 40 помали санации во училишни објекти. Камо среќа да затекневме полна каса пред три месеци, наместо целосно испразнета, па да можевме уште повеќе да го помогнеме образованието и сите негови чинители. Затоа пак, следната година планираме буџет од над 40 милијарди денари, што е значително зголемување во споредба со претходните, што достигнуваа до 30 милијарди. Уверувам дека ќе го вратиме образованието на вистинскиот пат, со добра стратегија и со поддршка на локалните самоуправи, на граѓанскиот сектор и на меѓународните партнери, додаде Јаневска.

Задоволство од денешниот настан изрази и премиерот Христијан Мицкоски.

- Ние заедно како Влада со Министерството за образование и наука ќе продолжиме да помагаме во ваков тип на објекти, капитални инвестиции. Образованието претставува наш фокус и образованието е основа за правилен раст и развој на децата, но, истовремено и темел на што треба понатаму да се гради една држава. Така што, уште еднаш дозволете ми да го искажам моето огромно задоволство, што мислам градоначалникот рече во рок од максимум две години, овде ќе биде изградена една нова, претставителна, со европски квалитет, зграда, каде повеќе од 700 дечиња ќе можат да стекнуваат знаења, да се дружат и да ги поминуваат своите ученички денови во ова основно училиште, истакна премиерот.

Директорката на ООУ „Крсте Мисирков“, Билјана Трајановска рече дека посакува градбата да се заврши во предвидениот рок и што повеќе генерации на ученици да го следат процесот на образование во новото училиште.

Градоначалникот Стефковски рече дека инвестициите во образованието, претставуваат инвестиции во иднината и токму поради тоа, образованието било на врвот на приоритетите на неговиот мандат, а за тоа говореле реализираните проекти во оваа област.

- Покрај редовните градежно-занаетчиски работи што ги реализираме за подобрување на условите во сите основни училишта, ги реконструиравме и училишните сали во ООУ „Дане Крапчев“ и ООУ „Григор Прличев“. Од реализираните капитални инвестиции, ќе ги издвојам: изградивме нова училишна спортска сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, за неколку дена од денеска, ќе ја пуштиме во употреба и новата училишна сала во ООУ „Наум Охридски“ во Булачани, а дополнително до крајот на годината, благодарение на поддршката од Владата и премиерот Мицкоски, ќе започнеме со изградба и на нова сала во населеното место Црешево. Изминатите три години на дело покажавме што значи посветена работа, а кога нешто работиш посветено и од срце, тогаш резултатите сигурно доаѓаат. Нѐ очекува уште многу работа што ќе донесе реализација на многу нови капитални проекти, најави Стефковски. бд/нд/

Фото и видео: МИА

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан