• понеделник, 25 ноември 2024

По ребалансот, прилепските стопанственици ја очекуваат државната поддршка, останува проблемот со недостиг од работна сила

По ребалансот, прилепските стопанственици ја очекуваат државната поддршка, останува проблемот со недостиг од работна сила

Прилеп, 18 август 2024 (МИА) - По ребалансот на буџетот, стопанството ја очекува државната финансиска поддршка.

Според Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп, особено се битни најавените 100-тина милиони евра за општините кои ќе им помогнат во развојот на малите локални компании.

-Од она што успеавме да го забележиме во ребалансот, поддршката од владата не изостанува, односно е задржана истата до крајот на овааа година. Ќе видиме со новиот буџет од наредната година како ќе продолжи. Добро е што 100-тина милиони евра ќе им се даваат на општините. На тој начин локалните компании како подизведувачи или како директни изведувачи ќе можат директно да бидат вбризгани во економијата тие стредства и да ја искористат таа шанса да заработат нешто повеќе, изјави Мариноски.

Старите проблеми за стопанството остануваат и оваа есен. Недостигот од работна рака, неизвесна ситуација за текстилците. Посочува дека не очекуваат ценовни шокови, зашто има одредена стабилност на берзите.

-Следиме дека американската и другите светски берзи веќе се стабилизираат, така што очекуваме индустриското производство да се интензивира во наредниот период. Во делот на вработените, остануваат истите проблеми. Се потешко се наоѓа работна сила. Доколку стопанствениците го интензивираат производството, се надеваме дека иселувањето ќе стагнира и работниците ќе си го најдат вработувањето во нашите компании. Што се однесува до текстилната индустрија, дел од поголемите светски брендови пријавуваат банкрот и некои веќе нарачки се откажуваат, но пробуваме да ги замениме со други клиенти. Како што последно увидовме, Кина веќе го намалува своето текстилно производство, така што европските клиенти или партнери најавуваат дека производството се сели во Северна Африка и тука ја гледаме шансата дел од нив ги обезбедиме и ги вратиме назад во овој регион, вели Никола Мариноски, претседател на прилепската регионална стопанска комора. ем/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан