• среда, 11 декември 2024

По пет години пауза, се огласија камбаните на Нотр Дам

По пет години пауза, се огласија камбаните на Нотр Дам

Париз, 7 декември 2024 (МИА) - Во 19 часот и 10 минути, првпат по пет години заѕвонеа камбаните на Нотр Дам, кои присутните во катедралата и граѓаните собрани на предниот плоштад ги слушаа во тишина.

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга ги пречекаа и се фотографираа со шефови на држави, на влади и познати личности на плоштадот пред Нотр Дам.

Меѓу нив се најстариот син на англискиот крал Чарлс III, принцот Вилијам, претседателот на Украина Володимир Зеленски, новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, како и првата дама, сопругата на актуелниот американски претседател Џил Бајден.

На 15 април 2019 година, светски познатата париска катедрала од 12 век беше зафатена во пожар.

Пожарот кој ги уништи покривот и кулата на покривот, а сериозно ја оштети внатрешноста на катедралата, горните ѕидови и прозорците, беше изгаснат 15 часа подоцна. Немаше повредени.

Нотр Дам, кој годишно привлекува милиони туристи, беше среде реконструкција кога избувна пожарот. Некои делови беа под скелиња, додека бронзените статуи беа отстранети поради работите.

Повторното отворање почнува со порака од папата Франциск на почетокот на церемонијата, како и пригоден говор на претседателот Емануел Макрон. Утре ќе се отслужат две миси, што ќе претставува историски момент за поклоници на овој легендарен споменик.

По отворањето на Нотр Дам, Макрон ќе приреди вечера за педесет шефови на држави во Елисејската палата. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан