Пошумувањето значајна мерка за намалување на негативните ефекти од пожарите
- Природно, шумите можат да се обноват во период од 50 до 100 години, сметаат експертите. Актуелните пожари во Македонија, во соседните и европските земји ги загрижуваат експертите, бидејќи се уништува непроценливото богатство-шумите. Според Бојан Михајловски, магистер по шумарски науки, зголемената фреквенција и интензитет на пожарите во последните две децении во Македонија се последица на климатските промени.
Куманово, 13 август 2025 (МИА) - Природно, шумите можат да се обноват во период од 50 до 100 години, сметаат експертите. Актуелните пожари во Македонија, во соседните и европските земји ги загрижуваат експертите, бидејќи се уништува непроценливото богатство-шумите. Според Бојан Михајловски, магистер по шумарски науки, зголемената фреквенција и интензитет на пожарите во последните две децении во Македонија се последица на климатските промени.

-Намалениот број на врнежи, зголемената температура, продолжениот период на суша и другите фактори креираат услови коишто се погодни за појава на пожари на ниво на предел, вклучувајќи ги и шумските пожари. И овој фактор е значаен дури и клучен во моментите за управување со пожарите. За Македонија е важно дека е потребно адаптивно управување со пожарите, каде што ќе се потенцира и делот за климатските промени, фактор којшто во последниот период ни дава предизвици со кои ќе се справуваме и во иднина, изјави Михајловски.
Пoсочува дека пpиродниот процес на обнова е долг, опожарената површина првин се обновува со брзорастечки растенија, следува фаза на грмушки и нискостеблести растенија, дури после 50 до 100 години, за некои екосистеми и повеќе, се формираат и долговечни насади.
-Опожарувањето е штетно, не само за шумите туку и за биодиверзитетот, се поместува еколошкиот баланс кој природата го формирала. Негативните ефекти има како појава на ерозија, свлечишта, уништување делумно и понекогаш целосно на органскиот слој во почвата од која главно зависи плодноста на почвата, и уништување на други инфраструктурни објекти. Најдобар начин за да се обноват шумите е активното пошумување, вели Михајловски и посочува дека важно е да се пошумува со автохтони видови дрвја.

-Тие полесно се приспособени на локалните климатски и почвени услови. Садењето мешани насади наместо монокултури, ја зголемува отпорноста на идни пожари и болести, вели Михајловски.
Анализите покажуваат дека едно евро вложено во превенција на пожари може да заштеди до осум евра во нивно гаснење и санација. Експертите препорачуваат воведување итни реформи и инвестиции во превенцијата. ам/дма/
Фото: МИА