• сабота, 23 ноември 2024

Почнува филмскиот викенд „Хај-фај“

Почнува филмскиот викенд „Хај-фај“

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Од денеска до 2 јуни, студентите од Факултетот за драмски уметности го организираат филмскиот викенд „Хај-фај“ (HI-FI). Станува збор за нова меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Таа ќе служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци, се наведува во соопштението на тимот на „Хај-фај“.

- Програмата за овој прв настан е поделена на официјална филмска програма со студентски кратки филмови на колеги од Србија, Косово, Словенија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Понатаму, carpe diem програма, чиј фокус е вмрежување. Гостите ќе имаат шанса да ги споделат своите искуства, да предложат соработка и да се запознаат со локалните фестивали, меѓу нив „Синедејс - фестивал на европски филм“, Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, „Дрим Шорт“ - филмски фестивал, „Бич филм фестивал“, Младински филмски фестивал, „Ѕирни“ - фестивал на филм и музика и „Македокс“ - фестивал на документарен филм. Додека, актуелните средношколци и матуранти ќе имаат шанса да се запознаат со овогодишните уписи за филмска режија, снимање и монтажа на ФДУ. И за крај, музичка ОФФ програма каде, во улогата на диск-џокеи, ќе настапат Миа Ѓоргиевска, Лазар Христов и Јане Вељаноски и Марко Младеновиќ и Христијан Ристески, пишува во соопштението.

Влезот за сите настани е слободен.

Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на „Хај-фај“ и на Академска сцена.

„Хај-фај“ е поддржан од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Факултетот за драмски уметности, „Котур - кафе и филм“, „Мамма Италиана“ и винарија „Тиквеш“. бд/вг/

Фото: „Хај-фај“

Остани поврзан