• петок, 22 ноември 2024

Почнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Почнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Тетово, 6 септември 2022 (МИА) - Во Основниот суд во Тетово денеска треба да почне судењето за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога 14 лица го загубија животот.

Судското рочиште е закажано во 10 часот, а ќе го води судијата Јордан Велковски.

По повеќемесечна истрага Основното јавно обвинителство Тетово на 27 јули 2022 до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице. Двајца се теретат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, еден за „непостапување според здравствени прописи“, а правното лице за „предизвикување на општа опасност“.

- Со предметот поврзан со модуларната болница во Тетово по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф. Б. и А. Е. за кривично дело тешки дела против општата сигурност и Б. В. за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија е распределен кај судија од Кривичниот оддел со предмет К бр. 450/22, се наведува во соопштението од Судот за овој предмет.

На 8 септември 2021 година во пожарот во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица. Тие се лекуваа од Ковид-19. Досега се направени четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста. Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер, како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.ас/са/  

Остани поврзан