• понеделник, 23 декември 2024

Почна реконструкција на подрачното основно училиште во кумановско Агино село

Почна реконструкција на подрачното основно училиште во кумановско Агино село

Куманово, 17 јули 2024 (МИА) - Почна реконструкцијата на подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Агино село, Кумановско, соопштија денеска надлежните од општина Куманово.

- Во тек е целосна реконструкција на ООУ „Кирил и Методиј“ – подрачно училиште Агино село. Проектот е во реализација на Министерството за образование и наука, во соработка со Општина Куманово, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

За реконструкцијата на ова подрачно училиште ресорното министерство одвои над 8, 2 милиони денари (8.227.573,60). Компанијата која е избрана на тендерот веќе е на терен и работи на покривот на училиштето.

Родителите на учениците од подрачното училиште „Кирил и Методиј“ од кумановското Агино село лани не ги пуштаа учениците на настава на први септември во знак на револт бидејќи училиштето не е реконструирано со децении. Тогаш тие бараа да се реализира реконструкцијата на објектот, изграден 1977-78 година.

Во меѓувреме во општина Куманово се реконструира уште подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во село Пчиња, проект на општина Куманово.

- Изминатиов период се реновираа голем број училишта. Во централното градско подрачје веќе се завршени како средните, така и основните. Сепак, во Куманово има вкупно 49 училишни објекти, остануваат да се реконструираат училишни згради во рурални средини. Куманово постојано аплицира за проекти за реконструкција до МОН, чекаме и нов повик на кој исто така ќе аплицираме, изјави раководителот на секторот за образование од општина Куманово, Александар Јовановиќ.

Досега се реконструирани повеќе од половина училишни објекти во Куманово и дел од селата. ам/мд/

Фото: Општина Куманово и МИА

 

Остани поврзан