Почна реконструкција и проширување водоводна мрежа за населбата Вонвардарска во Тетово
- Во Тетово почнаа градежни работи за реконструкцијата и проширувањето на примарната водоводна мрежа во населбата Вонвардарска во должина од 2600 метри. На настанот присуствуваа радоначалникот на Тетово, Биљал Касами и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тетово, 14 мај 2025 (МИА) - Во Тетово почнаа градежни работи за реконструкцијата и проширувањето на примарната водоводна мрежа во населбата Вонвардарска во должина од 2600 метри. На настанот присуствуваа градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Оваа инвестиција од над 15 милиони денари е дел од проектите финансирани преку потпрограмата АА - Инфраструктурни проекти во општините за 2024 година од страна на Владата на Република Северна Македонија и целосно обезбедени како грант средства од Владата.
-Се работи за една сериозна инвестиција можеби за првпат се инвестира од институциите тука во случајот соработка меѓу Владата и општината во ова населба за проект кој се работи нели за снабдување со вода. Се работи за проектот 15 милиони денари траншата од 2024 од таканаречениот Унгарски кредит а со кои ние го решаваме конечно проблемот со водоснабдување за овој дел на Тетово. Се работи за проект кој е во рамките на студијата која е направена од општина Тетово за подобрување на водоснабдување каде има заклучоци дека треба да се инвестира во делот на снабдување со вода и во делот на инвестирање на нова мрежа и подобрување на постојната мрежа, изјави градоначалникот Касами.
Министерот Меџити, оцени дека со овие проекти се прави вистинска децентрализација во државата.

-За жал тие што се повикуваат на рамковниот договор треба да знаат дека еден од столбовите на рамковниот договор е токму децентрализацијата а ние затекнавме најцентрализирана држава во регионот така да тоа беше само злоупотреба во минатото токму ние работиме во духот на рамковниот договор за зајакнување на општините за зајакнување на фискалната децентрализација. И секојдневно решаваме конкретни проблеми за граѓаните како што ја во оваа населба кадешто никогаш не почувствувале инвестиција или рака институционално тука се работи за водовод негде за канализација негде за други потреби но секој ден сме блиску до граѓаните и решавање на нивните секој проблем, истакна Меџити.
Касами дополни дека согласно спомената студија во Тетово ќе се работи и на други места за изградба и реконструкција на водоснабдителна мрежа, инсталирање на водомери и други мерки. ас/дма/
Фото: МЖСППП