• петок, 10 мај 2024

Почна реконструкцијата на училиштето во карбинското село Таринци

Почна реконструкцијата на училиштето во карбинското село Таринци

Карбинци, 12 јули 2023 (МИА)  - Почна реконструкцијата на подрачното училиште во село Таринци. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели во текот на летниот распуст ќе се работи на целосно подобрување на условите за работа, а новиот објект ќе биде и енергетско-ефикасен, односно ќе се овозможи централно парно-греење на целото училиште.

-Се работи на реконструкција на една од двете подрачни згради во ова училиште, а едната ќе биде предмет на целосно отстранување и изградба на нова зграда споена во една целина, со што ќе имаме едни модерни, нови услови, како што треба да има едно европско училиште. Имено, да споменам дека ова училиште е постаро од 40 – 50 години и за првпат се работи на ново, реконструкција на дел од постоечките згради и ќе добиеме една целина, рече Паунов.

Забележа дека проектот е од особена важност за наставниот кадар и учениците во ова училиште, бидејќи ќе овозможи нови услови за работа  Директорката, Наталија Костова вели дека учениците новата учебна година ќе ја почнат во реконструиран објект.

-Во училиштето во село Таринци учат околу 50 ученика. За првпат по долгогодишниот проблем и желбата на сите нас, се реализира реконструкција и изградба на нова училишна зграда која е од голема радост и за учениците и за наставниците, вели Костова.

Инвестицијата е вредна 15 милиони денари со вклучен ДДВ, од коишто 11 милиони денари се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, односно Програмата за диспаритети, а остатокот од 30% е кофинансирање на Општина Карбинци. вдј/aa/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан