Почна реконструкцијата на салата „Работнички“
- Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денес го најави почетокот на целосната реконструкција на салата „Работнички“.
Скопје, 25 декември 2024 (МИА) – Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денес го најави почетокот на целосната реконструкција на салата „Работнички“.
Објектот во „Градски парк“ во Скопје по 50 години ќе добие нов лик откако веќе неколку години е неупотреблив за тренинзи и натпревари, запуштен и нефункционален со оштетен кров, под инсталации.
-Многумина мои претходници ветуваа решенија, но се остана само на хартија. Во реалноста Работнички пропаѓаше. Општината успеа д аги добие надлежностите над салата и еве не тука. Првата фаза е реконструкција на фасадата и на кровот. Потоа следува реконструкција на канцеларскиот дел. Ќе биде поставена нова електрична и водоводна инсталација, а секако и теренот комплетно ќе биде обновен и проширен со подно греење. Целиот простор ќе се климатизира, а ќе бидат реконструирани и трибините и соблекувалните, информира Герасимовски.
Капацитетот на салата која ќе биде енергетско ефикасна ќе изнесува 891 седиште.
Целокупната реконструкција ќе биде според стандардите на ФИБА и се очекува да заврши во септември/октомври следната година. зс/
Фото: МИА