• недела, 22 декември 2024

Почна изработката на Националната ИКТ стратегија - документ за дигиталната трансформација во државата, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата

Почна изработката на Националната ИКТ стратегија - документ за дигиталната трансформација во државата, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Работната група денска ја почна изработката на Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој. Оваа стратегија ќе биде темел и системски план кој ќе ја води дигитализацијата на државата, а се очекува нејзината финална верзија да биде подготвена за усвојување во првата половина на 2025 година.

Основните елементи на Нацоналната ИКТ стратегија се четирите столба - развојот на дигиталната инфраструктура, унапредувањето на дигиталните вештини на нашите граѓани, модернизација на јавните услуги и поддршка на дигиталната трансформација на бизнисите, иновациите и претприемништвото. Целта е да се создаде целосен дигитален еко систем.

Премиерот Христијан Мицкоски кој воедно е и претседател на Националниот совет за дигитална трансформација, на прес-конференција денеска информираше дека го одржале првиот состанок на секторската работна група за изработка на Националната ИКТ Стратегија.

Како што појасни, Националната ИКТ стратегија е клучниот документ кој ќе ги води сите нивни напори и активности во однос на дигиталната трансформација, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата на ова поле.

-Неопходно е да чекориме во ист ритам во свет кој напредува со огромна брзина, а пристапот до дигиталните технологии и нивно подведување во функција и интерес на човекот и нивното правилно искористување отвора нови хоризонти и перспективи за сите.  Важно е да се разбере дека дигитализацијата не претставува една, монолитна работа, туку опфаќа низа комплексни, меѓусебно поврзани и комплементарни чекори. За да чекориме по вистински пат важно е да се знае од каде поаѓаме, како и каде се движиме. Внимателен, сеопфатен, стручен и структуриран пристап е клучен предуслов за дигитална трансформација и последователно, општествен развој во согласност со светските текови, рече Мицкоски.

Тој додаде дека дигитална трансформација ќе биде во служба на граѓаните, а врвен приоритет ќе биде да се обезбедат достапни и ефикасни услуги за борба против присутната корупција преку искористување на дигитализацијата.

-Денес ја отпочнуваме работата на Работната група за донесување на Националната стратегија која е една од првите активности на Националниот совет за дигитална трансформација, чијшто претседавач сум јас. Тоа ја покажува посветеноста на Владата во однос на дигиталната трансформација на општеството. Нашиот пристап е совесен и одговорен. Размислуваме и делуваме долгорочно, плански и системски, не делуваме ad hoc, во соработка со стручната, научната заедница, граѓанскиот и бизнис сектор, како и со коморите. Во таа насока е и работата на оваа Работна група, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, дигитализацијата е клучна алатка во борбата против корупцијата, бидејќи автоматизацијата на процесите помага во намалувањето на надворешно влијание и субјективност. 

Министерот  за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска на прес-конференција потенцираше дека до сега државата не ги искористила целосно можностите  на информациско комуникациските технологии.

-Ова резултираше со заостанување зад земјите членки на ЕУ во дигиталната сфера. Но, токму затоа оваа стратегија е клучна. Таа ќе биде нашиот патоказ за надминување на овој јаз. За жал, државата цели седум години била оставена без Национална стратегија за сектор кој постојано треба да се развива и кој треба да биде основа за економскиот напредок на државата. Новата Националната ИКТ стратегија ќе биде темел и системски план кој ќе ја води дигитализацијата на Македонија, рече Андоновски.

Тој појасни дека целта е да бидеме во чекор со ЕУ, следејќи ги насоките од дигиталната декада на Европа до 2030 година.

-Амбициозни сме, но и реални. Знаеме дека пред нас се бројни предизвици од потребата за дигитална инфраструктура, до унапредување на дигиталните вештини на граѓаните, па се до овозможување на електронски дигитални услуги за секој граѓанин. Процесот на изработката на стратегијата ќе биде инклузивен и транспарентен, додаде Андоновски.

Како што информираше, денес повеќе од 50 претставници на десетици институции, стопански комори, универзитети и невладин сектор се веќе вклучени во работната група.

Тој во изработката ги покани и сите, од експертите во државни институции, до креативните умови во старт ап заедницата, од професорите до граѓанските активисти, да се приклучат и да го дадат својот придонес.

Како што посочи, основните елементи на Нацоналната стратегија се четирите столба, развојот на дигиталната инфраструктура, унапредувањето на дигиталните вештини на нашите граѓани, модернизација на јавните услуги и поддршка на дигиталната трансформација на бизнисите, иновациите и претприемништвото.

-Сето ова има една цел - да создадеме целосен дигитален еко систем кој ќе донесе бенефит за секој граѓанин. Со оваа стратегија ќе се дефинира конкретен сет на мерки, прецизни рокови, јасно посочени носители на активности и што е најважно, мерливи резултати. Во наредните месеци ќе формираме подгрупи за различните столбови и ќе отвориме канали за прибирање на идеи од сите засегнати страни. Целта е да имем финална верзија на Националната ИКТ стратегија подготвена за усвојување во првата половина на 2025 година, рече Андоновски.

Тој одговорајќи на новинарско прашање, потенцираше дека Националната ИКТ стратегија треба да ги исцрта решенијата на проблемите кои постојат во државата.

-Прво, треба да видиме која ни е ИКТ структурата, да ја изградиме ако не е доволна, да ја подобриме ако ја имаме, потоа да ги видиме дигиталните вештини на граѓаните и администрацијата да ја користат таа ИКТ инсфраструктура, да им понудиме услуги на граѓаните преку електронските алатки и потоа да му помогнеме на бизнисот да се дигитализира преку иновации и претприемништво и градење на нови технологии. Целта е сите 1.100 институции во државата да бидат приклучени и да комуницираат преку таа платформа за интероперабилност, додаде Андоновски.бт/са/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан