• понеделник, 23 декември 2024

Почна бербата на кривогаштанската пиперка за ајвар, цените за откуп допрва ќе се знаат

Почна бербата на кривогаштанската пиперка за ајвар, цените за откуп допрва ќе се знаат

Прилеп, 29 август 2023 ( МИА) -  И, официјално започна бербата на пиперката „куртовска капија“ во Кривогаштанско, една од најквалитетните во државата за ајвар во Општина Кривогаштани, во чест на една од најзначајните земјоделски култури која е во основата на стопанството, востанови и Фестивал.Производителите очекуваат откупната цена  да биде од 50 до 60 денари за килограм од прва класа. Во поглед на климатските промени оваа година е намалено производството за 30-тина отсто, иако високиот квалитет е задржан.

-Познатата кривогаштанска пиперка се произведува 50-тина години, со оглед на тоа што традициите на производство на пиперки се многу постари. Се пласираше на сите пазари ширум поранешните ју-републики. Сега се стеснети пазарите, но благодарение на преработувачките капацитети што се отворија кај нас, пиперката ја произведуваме во поголеми количества и ја има. Квалитетот е убав, еве почна бербата и секој што има намера да приготвува ајвар, може да почне. Тешко е да се каже за цената, но околу 50 до 60 денари треба да биде за прва класа. Ако се намалуваат лужето се намалува и производството, објаснува производителот на пиперки од кривогаштанско, Зоран Манески.

-Кривогаштанската пиперка е многу барана и во земјава и во Европа. Квалитетна е, се произведува во еколошки чиста средина. Се произведуваат: ајвар, пинџур, малиџано... Најпозната е „капијата“, вели производителката Снежана Бојческа.

-Уште не е формирмирана цената на кривогаштанските пиперки за ајвар, но очекуваме да постигне добра цена за килограм. Производството е намалено поради временските промени. Во споредба со лани, количествата се намалени за преку  30 отсто. Освен временските услови, влијае и иселувањето на младите, зашто нема кој да работи, смета Благојче Дивјакоски, производител.

Преработувачката индустрија уверува дека пиперката и преработките од неа се извезуваат во цел свет и се меѓу најбараните. Инаку, од оваа индустрија велат дека лани од конзервираните производи од државава што се извезве, а во кои значаен дел имаат преработките од пиперката, оствариле девизен прилив од околу 80 милиони евра.

-Пиперката „куртовска капија“ што се произведува во Кривогаштанскиот регион е една од најквалитетните и најпозната не само во земјава, туку и во странство. Нашата фирма произведува ајвар исклучиво од оваа пиперка. Можам да се пофалам дека нашиот ајвар е еден од најпродаваните во Америка. Исклучиво работиме за извор. Моментално извезуваме во 15 до 20 држави во светот и секоја година тие количевства се зголемуваат. Годишно извезуваме околу 500 000 тегли, објаснува Бранко Петрески, стопанственик со фирма за преработка.

Иницијатори за воспоставување Фестивал на пиперката во Кривогаштани се: невладиното здружение „Лаг Агролидер“ од Прилеп и Општина Кривогаштани за да се нагласат традицијата и културата од Регионот.

-Одамна е промовирана идејата за  општина Кривогаштани со нејзиното препознатливо производство, на пиперката. Ова е прв фестивал за време на почетокот на бербата на пиперката за ајвар и зимници. Ваква манифестација  ги промовира културата и традициите на Кривогаштани, рече Марина Тошеска од невладиното здружение „Лаг Агролидер“.

-За првпат Кривогаштани организира фестивал на пиперката. Целта ни е да направиме промоција на традицијата и културата во Кривогаштани, но и промоција на агросекторот, смета Николче Мојсоски, градоначалник на Кривогаштани. ем/љм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан