Почнаа подготовките за новогодишно – божиќен базар во Куманово
- Куманово годинава ќе има новогодишно – божиќен базар, во организација на Занаетчиската комора, Општината и Секторот за локален економски развој. Поставувањето на куќичките почна денеска.
Куманово, 15 декември 2025 (МИА) - Куманово годинава ќе има новогодишно – божиќен базар, во организација на Занаетчиската комора, Општината и Секторот за локален економски развој. Поставувањето на куќичките почна денеска.
Претседателот на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији, информираше дека подготовките започнале со обезбедување на сите административни предуслови за организирање на настанот, имајќи предвид дека на градскиот плоштад подолго време немало слични манифестации. Со одлука на Управниот одбор, Комората обезбеди 13 дрвени штандови куќички наменети за локални занаетчии и креативци.
-Има голем интерес, а јавниот оглас веќе е затворен. Очекуваме разноликост во понудата, од рачни изработки и дела на ликовни уметници, до крофни, вино, греани чаеви и други производи кои ќе го надополнат празничниот амбиент, изјави Фазлији.

Штандовите ќе се користат бесплатно, што претставува директна мерка за поттикнување на локалната економија. Овој пристап има за цел да им овозможи на занаетчиите и малите производители полесен пристап до пазарот и поголема видливост, без дополнителен финансиски товар. Фазлији изрази благодарност до Општина Куманово и градоначалникот, потенцирајќи дека добрата соработка, формализирана и преку меморандум за соработка, овозможила Секторот за ЛЕР навремено да ги подготви елаборатите и целокупната потребна документација, и покрај ограничениот временски рок.
- Ова беше брза одлука и краток период за подготовка, но институциите излегоа во пресрет на потребите на Комората. Верувам дека базарот ќе донесе позитивна енергија и ќе придонесе за создавање вистинска празнична атмосфера во градот за време на новогодишните и божиќните празници, изјави Фазлији.
Надлежните очекуваат новогодишно – божиќниот базар да стане симбол на повторното оживување на јавниот простор и пример за соработка меѓу локалната самоуправа и стопанските субјекти во интерес на заедницата. ам/вј/
Фото: МИА