• четврток, 04 декември 2025

Почнаа летните кампови по вероучение во Бигорскиот скит во Битуше

Почнаа летните кампови по вероучение во Бигорскиот скит во Битуше

Дебар, 23 јуни 2025 (МИА) - Во Бигорскиот скит, посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа во близина на долнореканското село Битуше, општина Маврово и Ростуше, во подножјето на планината Крчин, почна првиот летен камп по вероучение за деца, како дел од мисијата на Бигорски манастир.

- Целокупната мисија на Бигорскиот манастир е насочена кон тоа да се одговори на стремежот на човечката душа кон Бога, за таа да може да се отвори за Божјата љубов и да се исполни со небесна радост. Во прилог на ова е и мисијата меѓу најмладите, која зафаќа значаен дел од активностите на нашите манастири. Нашиот гостољубив Старец, Епископ Партениј, цврсто веруваше дека е потребно и од голема важност за иднината на народот да започнеме со организирање на кампови по веронаука, за коишто од самиот почеток има огромен интерес, велат за МИА од Бигорскиот манастир.

Првата група ја сочинуваат 35 деца од повеќе градови од државава, интересот за посета на овие кампови е огромен поради што и бројот на групите ќе биде поголем од предвидениот.

- Запознавањето со основните вистини за верата, разните работилници, музички активности, спортски игри, другарување среде недопрена природа, што придонесувајќи за нивното телесно здравје истовремено ќе го воспитува и нивниот дух. Особено полезни и привлечни за нив се искрените и поучни разговори со отец Партениј, преку кои тие имаат можност да црпат од неговото длабоко духовно искуство и да научат многу за животот, љубовта, за разните доблести со кои е украсен човекот, додаваат од манастирот.

Позитивните искуства стекнати кај нас, радоста и добрите навики, нагласуваат, децата ги споделуваат и со пример ги сведочат во своите домови, во училиштата, меѓу нивните пријатели. вт/

Остани поврзан