Почнаа бесплатните онлјан курсеви за изучување на кинескиот јазик во Пробиштип
- Седумдесет жители на Пробиштип го изучуваат кинескиот јазик. Марија Митева, вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип, вели дека бесплатниот курс за изучување на кинескио

Штип, 16 март 2021 (МИА) - Седумдесет жители на Пробиштип го изучуваат кинескиот јазик. Марија Митева, вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип, вели дека бесплатниот курс за изучување на кинескиот јазик веќе е почнат, а се реализира онлјан, согласно здравствените протоколи.
-Интерес за изучување на кинескиот јазик пројавија 30 возрасни и 40 ученици од основните и средното училиште во Општина Пробиштип. Поделени се во пет групи, додава Митева.
Инаку, Општина Пробиштип претходно потпиша меморандум за соработка со Институтот „Конфуциј“ – Скопје, кој работи при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а се однесува на изучување на кинески јазик во општина Пробиштип.
-Двете договорни страни преку овој меморандум ја изразија својата подготвеност да соработуваат и заемно да дадат поддршка за изучување на кинескиот јазик почетно, средно и напредно ниво, за постигнатото ниво учесниците ќе добијат и соодветна диплома, литература и култура, користејќи ги кадровските, стручните и просторните можности на двете страни, истакна Митева.
Курсевите опфаќаат изучување на кинескиот јазик, но ќе има и организација на културни настани, семинари и работилници за реализација на заеднички проекти. Овде се вклучени и активности насочени кон одбележување на разни прослави, годишнини, јубилеи, културни активности и други настани.вдј/бт/