• петок, 15 ноември 2024

Почина Мирослав Наумовски Лав

Почина Мирослав Наумовски Лав
Скопје, 27 февруари 2022 (МИА) - Денес, по кратко боледување, почина Мирослав Наумовски-Лав. Тој беше врвен спортист, спортски новинар, еден од основачите на Македонскиот олимписки комитет, член на Собранието и на Управниот одбор на МОК, спортски новинар во Нова Македонија, основач и главен одговорен уредник на првиот спортски весник во нашата држава, СКОК, соопшти Македонскиот олимписки комитет. Мирослав Наумовски-Лав во „Нова Македонија“, како спортски новинар, поминал 27 години, а известувал од ЛОИ 1974, 2000 и 2004, од ЗОИ 1984 и 1988, од три СП во кошарка, осум ЕП во различни спортови, Универзијади, медитерански игри, Балканијади. Неговата најголема спортска љубов бил ракометот. Со македонската репрезентација станал пионерски првак на тогашна Југославија (СФРЈ). Во 1962 година бил прв на Младинското првенство на СФРЈ, а во 1965 година и Национален првак во младинска конкуренција. Наумовски бил одличен ракометар и дел од младинската репрезентација на СФРЈ (заедно со генерацијата на Поповиќ, Прибаниќ, Покрајац, Каралиќ…). Најмногу време поминал во Р.К. Вардар, играјќи на позицијата централен бек. На иницијатива на Лав, се појавува првиот спортски весник СКОК во нашата држава и тој станува прв главен одговорен уредник. Лав е и еден од најзаслужните што по долга пауза се возобнови и Охридскиот пливачки маратон. Заедно со Васил Тупурковски и другите, го основаат Македонскиот олимписки комитет (МОК) и станува член на Собранието на МОК, на Управниот одбор на МОК и Претседател на МОК Маркетинг. зс/

Остани поврзан