• понеделник, 10 февруари 2025

Почина Живко Павлов, бардот на македонскиот хумор и сатира

Почина Живко Павлов, бардот на македонскиот хумор и сатира

Скопје, 9 февруари 2025 (МИА) - Денеска во Скопје, во 85-тата година од животот почина познатиот македонски хуморист и сатиричар Живко Павлов.

Тој е автор на првата книга афоризми и епиграми по Втората светска војна во Македонија – „Пладневни кукурикања“, објавена во 1969 година. Не случајно го нарекуваа "македонски Јиржи Лец", зашто афоризмите и епиграмите презентирани во неа се чини  како  да се пишувани денес, па реално е согледувањето на критичарите дека станува збор  за литература на која  времето и минливоста не и можат ништо.

Живко Павлов цел живот професионално се занимаваше со хумор и само  со хумор. Најмногу во „Остен“, како  и во други  весници и списанија, и е автор на илјадници афоризми, епиграми, хуморески и сатирични текстови. Павлов е објавуван во најголемите хумористични списанија на Балканот, како  и во Русија.

Велешанец по потекло, за кого  случајот барал да се роди  во Куманово на  9-ти  мај  1940 година, подоцна – датум прифатен како Ден на победата над фашизмот. „Затоа цел живот трпам порази“ имаше обичај во шега да каже Живко.

Живко Павлов за себе своевремено кажа: „Дури кога ја наполнив 60-тата година, успеав да  ја завршам Академијата за хумор и сатира, во класата на професорот Живко Павлов“.

Ги има објавено книгите: „Пладневни кукурикања“ (прва книга афоризми и епиграми во повоената македонска литература); „Македонска поетска пародијада“ (прва книга пародии кај нас), па „Дамира во царството на сетилата“ (заедничка книга со Љупчо  Силјановски), „Хумпрофор“ (заеднички проект со Владо  Десовски), како  и книгата на хумористични епиграми „Смеаториум“. Павлов е автор и на хумористичната книга – Часови за деца родени со диплома „Лелектира“.

Погребот ќе биде утре, понделеник, 10.02.2025 г. на гробиштата Бутел во Скопје, а опелото ќе се одржи во капелата со почеток во 12.30 часот. ев/

ФОТО: Архива 

 

Остани поврзан