Почина Атанас Коларовски, игроорец и кореограф од првата генерација на „Танец“
- Во својата 96-та година од животот, денеска почина Атанас Коларовски, знаменитиот игроорец и кореограф од првата генерација на „Танец“.
Скопје, 9 март 2022 (МИА) - Во својата 96-та година од животот, денеска почина Атанас Коларовски, знаменитиот игроорец и кореограф од првата генерација на „Танец“.
Атанас Коларовски е роден во село Драчево, Скопско, во 1926 година. Со формирањето на Државниот ансамбл „Танец” станал негов член и речиси дваесет години бил уметнички директор, кореограф и игроорец - солист.
Од 1970 година се преселил во САД, каде што ја продолжил својата активност како инструктор, пренесувајќи им го богатството на македонскиот музички и игроорен фолклор на генерации вљубеници од целиот свет. Атанас Коларовски е автор на повеќе врвни кореографии за „Танец“, меѓу кои и на антологиските „Драчевка”, „Калајџиско” и „Невестинско”.
Последното испраќање ќе биде утре на гробиштата во село Драчево. Последниот помен во капелата е закажано за 13 часот, а погребувањето во 14 часот. бт/сп/