• сабота, 23 ноември 2024

Почина поранешниот јапонски премиер Абе

Почина поранешниот јапонски премиер Абе
Токио, 8 јули 2022 (МИА) – Поранешниот премиер на Јапонија, Шинѕо Абе денеска им подлегна на повредите откако беше застрелан додека држеше говор за време на предизборна кампања во градот Нара, соопшти неговата Либерално демократска партија. Абе почина во болница на 67 години, откако во него пукаше поранешниот припадник на јапонската морнарица 41-годишниот Тацуја Јамагами од Нара. Абе беше префрлен во болница, но не покажувал знаци на живот. Тој првпат стапи на премиерската функција на 52-годишна возраст, со што е најмлад премиер на Јапонија, но и со најдолг премиерски стаж. Абе беше премиер една година во 2006 година, а повторно се кандидираше и ја презеде премиерската функција во 2012 година, само една година по разорниот земјотрес и цунамито што предизвика нуклеарната катастрофа во нуклеарната централа во Фукушима. Во август 2020 година Абе предвреме се повлече од функцијата поради здравствени проблеми односно поради улцеративен колитис. Тој беше наследен од неговиот партиски сојузник Јошиде Суга, а подоцна од актуелниот премиер на Јапонија, Фумио Кишида. Нападот врз ја шокираше Јапонија, земја со една од најниските стапки на криминал поврзан со оружје. Јапонија има исклучително ригорозни закони за контрола на оружјето. Во 2018 година во Јапонија имало само девет убиства со огнено оружје, а во САД истата година регистрирани се 39.740 убиства. Во Јапонија дозволено е да се продаваат само пушки сачмарки и воздушни пушки. Пиштолите се забранети, а стекнувањето со пиштол е долг и комплициран процес. Односно, секој што сака да купи огнено оружје во Јапонија мора да помине цел ден на часови и да помине писмен тест. После тоа, лицето мора да постигне 95 проценти успех на стрелиште. Има и процена на менталното здравје, тест за дрога и многу обемна проверка дали лицето било казнувано, сали било вмешано во организиран криминал, каква е неговата финансиска состојба и неговите односи со семејството и пријателите. ми/

Тагови

Остани поврзан