• недела, 22 декември 2024

Потребен е посериозен пристап за надминување на лошата хидролошка состојба во Преспанското Езеро

Потребен е посериозен пристап за надминување на лошата хидролошка состојба во Преспанското Езеро
Ресен, 10 јануари 2022 (МИА) - За надминување на состојбата со нискиот водостој на Преспанското Езеро потребно е донесување сет долгорочни мерки и посериозно спроведување на краткорочните, смета раководителот на секторот за животна средина при Општина Ресен, Ајман Ал Малла. Последните мерења на нивото на водостојот на мерната станица во селото Наколец покажале дека нивото на водата е на кота од 842,22 метри надморска височина, што значи 5,38 метри намалување во однос на референтната нулта кота, која изнесува 847,60 метри надморска височина. Согласно податоците со кои располага Општина Ресен, слична состојба имало и во 2008 година. Состојбата се подобрила во периодот од 2016 до 2018 година. - Овој тренд за намалување на водостојот е континуиран во последните три години. Во почеток на 2020 година беше намален за околу пет метри. Највисок водостој во Преспанското Езеро беше забележан во периодот 1960-1964 година, каде во 1963 година Преспанскиот регион ги имал најголемите поплави, тогаш водостојот стигна до кота од над 850 метри надморска височина, информира Ал Малла Според него, под итно потребно е донесување на Планот за управување со Споменикот на природата Преспанско Езеро и навремено завршување на отпочнатите мерки со Хидробиолошки завод – Охрид, Македонското еколошко друштво и други невладини организацији, кои содржат компонента на иновации во научното истражување и мониторинг и треба да дадат одговор на прашањата: каде сме, што треба и до каде ќе стигнеме. Проблемите се големи, а покрај климатските промени големо влијание имаат активностите на човекот во Преспанскиот регион. Во однос на прашањето што прават локалната самоуправа и државата за спас на Преспанското Езеро, Ал Малла посочи дека реализирале сет мерки за намалување на негативните ефекти врз квалитетот и квантитетот на водите на Преспанското Езеро, но оти досега не се реализирани мерките од Акцискиот план, освен рестартирање на Преспа парк на природата, со одржување состанок на ниво на министри за животна средина од Северна Македонија, Албанија, Грција и претставник на Европската унија. - Ние како локална самоуправа имаме преземано и реализирано сет мерки и активности за намалување на негативните ефекти врз квалитетот и квантитетот на водите во Преспанското Езеро и сливното подрачје. Работиме на подигање на јавната свест за значењето на одржливото управување со водите како природен ресурс, кој природата ни го поклони, поголема контрола, од наша страна, за намалување на деградатцијата на земјиштето, намалување на прекумерното користење на водите за наводнување на овошните насади, примена на добри практики во земјоделството, интензивирана е прекугранична соработка со соседните држави за одржливо управување со водите во езетото, како и поголема координација и соработка со сите надлежни институции, научни установи и невладини организации. Што се однесува до државата, има усвоено Акциски план изготвен од ЕРГ, кој содржи сет мерки. Досега нема реализација на ниту една (општина Ресен нема информација за било која реализирана мерка), изјави Ал Малла. Општина Ресен, нагласи тој, како управувач со Споменикот на природата Преспанско Езеро, има изготвено Нацрт план за управување, но, како што рече, од за нив непознати релевантни причини, планот уште не е донесен од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. сс/фф/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан