• вторник, 05 ноември 2024

Потенцијалот на е-трговијата во фокусот на годишната конференција што ја организира АЕТМ

Потенцијалот на е-трговијата во фокусот на годишната конференција што ја организира АЕТМ

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Под мотото „E-commerce: Untangling Potential“ ќе се одржи седмата по ред годишна конференција за е-трговија што ја организира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ. 

Конференција трета година по ред има регионален карактер, а годинава, според најавата на организаторите, треба да се одржи на 12 ноември. 

- Оваа година, конференцијата ќе се фокусира на аспектите во е-трговијата каде е достигнат потенцијалот, но и на оние каде сè уште треба да се работи за да може да се искористат во целост. Ќе бидат опфатени теми како испорака и логистика, нови можности за е-плаќање, маркетинг за е-трговија со користење на податоци и вештачка интелигенција, како и прекуграничен и меѓународен раст на бизнисите со е-трговија, се наведува во денешното соопштение од АЕТМ.

Организаторите, како и претходните години, најавуваат присуство на меѓународни и домашни говорници, а за време на регионалната конференција ќе се презентираат клучните сознанија од анализата на е-трговијата во Западен Балкан.

- За да се утврди каде е постигнат напредок и каде постојат предизвици во е-трговијата, АЕТМ работи на изработка на 6-то издание на анализата на е-трговија за 2024 година. Претходните три изданија покажаа дека иако е-трговијата бележи значителен пораст, овој раст не е доволен за да се достигне нивото на развиените земји. Пазарите од Западен Балкан се мали, но заедно имаат потенцијал да создадат поголем пазар и можност за раст. Новото издание на извештајот ќе се фокусира на растот и развојот на е-трговијата во земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на прекуграничната трговија и нејзините предизвици, особено во областите на плаќање и логистика. Овие предизвици се клучни за функционирање на синџирот на е-трговија и нивното надминување е од суштинско значење за отворање на нови можности за поголем заеднички пазар и напредок на е-трговијата, велат од АЕТМ.

Темите на конференцијата секоја година се испирирани од случувањата и актуелната состојба.

-  Свеста за тоа дека е-трговијата носи огромен потенцијал за развој на бизнисите и економиите е веќе изградена. Од почетоците на Асоцијацијата за е-трговија работевме на кревање на свеста и креирање клима за тој потенцијал побрзо да се отклучи. Може да кажеме дека потенцијалот се повеќе го гледаат компаниите кои се вклучуваат и инвестираат во решенија поврзани за е-трговија. Од регионална експанзија на маркетплејс платформи, фулфилмент центри и маркетинг решенија до влез на интернационални играчи на регионалниот пазар. На овогодинешната конференција ќе разговараме за сите засегнати аспекти и за тоа каде и колку потенцијалот е 'отплеткан', а каде е се уште 'заплеткан' и што треба да се преземе за побрз раст и подем. Како и секоја година, и оваа година ќе понудиме квалитетна програма, одлични говорници, networking и забавни содржини, вели претседателката на АЕТМ Нина Ангеловска-Станков.

Минатата година на конференцијата присуствуваа над 600 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и регионот, а презентации имаа 30 говорници од 10 земји. бак/дма/

Фото: АЕТМ

Остани поврзан