• петок, 05 декември 2025

Постигнат начелен договор за интеграција на СДФ во сириските цивилни и воени институции

Постигнат начелен договор за интеграција на СДФ во сириските цивилни и воени институции

Дамаск, 13 октомври 2025 (МИА) – Лидерот на Сириските демократски сили (СДФ), Мазлум Абди, изјави дека за време на неодамнешните разговори во Дамаск е постигнат начелен договор за механизам на интеграција и изразена е заедничка волја за забрзување на спроведувањето на договорот за интеграција на СДФ во сириските цивилни и воени институции.

- Новото во нашите последни разговори во Дамаск е заедничката решителност и силната волја за забрзување на спроведувањето на договорените услови, рече Абди.

Најважниот договор, според него, се однесува на привремената согласност за механизам на интеграција на СДФ и курдските сили за внатрешна безбедност во рамките на министерствата за одбрана и внатрешни работи.

Абди изјави дека воени и безбедносни делегации на СДФ во моментов се во Дамаск за да продолжат разговорите за интеграцијата.

- СДФ ќе бидат реструктурирани преку интеграција во Министерството за одбрана, нагласи Абди, додавајќи дека ова ќе биде дел од поширока реорганизација.

Тој потенцираше дека сите се согласуваат околу територијалниот интегритет на Сирија, единството на државните симболи, независноста на политичките одлуки и борбата против тероризмот.

Минатата недела, Абди, заедно со американскиот специјален пратеник за Сирија Том Барак и командантот на американските сили Бред Купер, разговараше со претседателот на Сирија, Ахмед ал-Шара.

За време на средбата со ал-Шара, Абди побара измени и дополнувања на уставната декларација од март, особено во делот кој се однесува на гарантирање на правата на курдскиот народ во Уставот.

Неколку дена претходно, сириската војска и СДФ, курдска милиција поддржана од САД, се договорија за примирје. Договорот следеше по неодамнешните судири помеѓу двете страни, кои ја загрозуваа согласноста постигната во март меѓу СДФ и новата сириска влада за интеграција на автономните курдски институции во државните структури.

Декларацијата за намери, која ја потпишаа привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, и Мазлум Абди, треба да доведе до примирје, интеграција на СДФ во сириската војска и повторно обединување на североисточна Сирија со остатокот од земјата.

Како дел од договорот, Курдите ќе добијат целосни граѓански права, што досега не беше случај во Сирија под режимот на Башар ал-Асад. Исто така, ќе имаат право на користење на својот јазик, меѓу другото и во образованието.

Според оригиналната декларација, курдската заедница ќе биде признаена како автохтона заедница во рамките на сириската држава. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан