Поставен систем за надзор на дебарскиот градски резервоар за вода
- По замената на старата со нова апаратура за хлорирање во градскиот водовод во Дебар, денеска заврши уште една значајна активност-поставувањето систем за надзор врз резервоарот.
Дебар, 18 март 2021 (МИА) - По замената на старата со нова апаратура за хлорирање во градскиот водовод во Дебар, денеска заврши поставувањето систем за надзор врз резервоарот.
-Поставување безбедносни камери на најстратешките точки беше итно потребно. И овој, како и претходниот зафат е финансиран од средства на општинскиот буџет од кој за двете активности издвоени се околу 8.000 евра. По презентирањето на овие две прашања од страна на раководството на Јавното комунално претпријатие „Стандарад“, за мене беа од приоритет, заради заштита на здравјето на нашите граѓани, изјави за МИА градоначалникот Хекуран Дука.
Додава дека безбедносни камери се поставуваат првпат, а замената на апаратурата за хлорирање на водата, која беше дотраена, се случила по цели три децении од неговата изградба.
Претходно, исто така, првпат по изградбата на водоводот Росоки – Дебар, со кој стопанисува „Сандарад“ беа заменети главните вентили во галеријата на каптажата во Росоки, како и на две места од цевководот и тоа кај Долно Косоврасти и кај Мелнички Мост.
Водоводот Росоки – Дебар е изграден 1988 година, со зафаќање вода кај селото Росоки, областа Мала Река, во должина од 23 километри.
Од него со вода за пиење се снабдува Дебар, селата Рајчица и Долно Косоврасти, како и дел од општина Центар Жупа од кракот кој се издвојува кај Мелнички Мост. вт/ки/