Поставена заштитна ограда на река Пена во Тетово, чини 10 милиони денари
- Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, и директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши денес го промовираа поставувањето заштитна ограда долж коритото на тетовската река Пена. За да се постави оградата од двете страни на реката со вкупна должина од 3153 метри биле потрошени 10 милиони денари.
Тетово, 23 август 2025 (МИА) - Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, и директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши денес го промовираа поставувањето заштитна ограда долж коритото на тетовската река Пена. За да се постави оградата од двете страни на реката со вкупна должина од 3153 метри биле потрошени 10 милиони денари.
-Средства се обезбедени преку Програмата за рамномерен регионален развој 2023/2024 година. Бирото за регионален развој обезбеди приближно 7,9 милиони денари, останатите 2,2 милиони денари се обезбедени преку кофинансирањето од општина Тетово. Проектот обезбедува поголема безбедност на пешаците, спортистите и велосипедите. Придонесува за чиста животна средина и му дава современ урбан изглед на просторот кој секојдневно го користат граѓаните на Тетово. Ова е доказ дека со заеднички напори централната и локалната власт може да создадеме подобри услови за живот и одржлив развој на сите наши региони, изјави Даут Мемиши.
И градоначалникот посочи дека проектот е добар пример на соработката меѓу локалната и централната власт.
-Оваа е добар пример за тоа како ние сакаме нели да реализираме проекти во интерес на промена на стилот на живеење. Реката порано беше некои вид на депонија, сега веќе интензивно работиме да го добие изгледот и убавината која ја има. И сега со оваа ограда веќе нашите фамилии со нивните помали деца можат слободно да се прошетаат во овој убав дел од градот Тетово, за да уживаат со нивните членови на семејството, истакна Касами.
Заштитната ограда е поставена на две страни од кејот на реката Пена на потегот од мостот на булеварот „Видео Смилевски-Бато“ се до мостот до местото познато како Млин. ас/аа/
Фото: МИА