• понеделник, 23 декември 2024

Поранешниот претседател Иванов стана почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене

Поранешниот претседател Иванов стана почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов ја доби титулата почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене, Република Турција. 

Церемонијата на доделување на титулата, во рамки на дводневната посета на Иванов на градот Едрене, на покана на универзитетот по повод Одлуката на Сенатот на Универзитетот Тракија за доделување на титулата почесен доктор на науки, се одржала во присуство на голем број високи гости од Република Турција.

Ректорот на Универзитетот Тракија, проф. д-р Ерхан Табакоглу, во присуство на членовите на Сенатот, професори и студенти, соопштија денеска од кабинетот на Иванов, ја предводел свечената церемонија на која присуствувале високи претставници на локалната власт на Едрене, академици, професори од другите универзитети во регионот, како и Гувернерот на Едрене, Јунус Сезер, претставникот на МНР на Турција за Едрене, Амбасадорот Мурат Ахмет Јорук, и почесниот конзул на Република Македонија во Едрене, Есер Џевахир.

По свеченото врачување на почесниот докторат на науки, честитајќи го едновековниот јубилеј на турската република и заблагодарувајќи се до Универзитетот Тракија за високата укажа чест, поранешниот претседател Иванов одржал предавање на темата „Османлискиот модел на соживот меѓу Муслиманите, Христијаните и Евреите“ и предизвикал голем интерес кај присутните гости, професори и студенти на Универзитетот Тракија.

- Инспириран од актуелните настани кои предизвикуваат огромна загриженост и страв за иднината кај сите нас - војните и конфликтите на Блискиот и Централниот Исток, војната меѓу Израел и Хамас во областа Газа, војната во Украина, заканите за мирот во Централна Африка, претседателот Иванов, осврнувајќи се на војните и конфликтите низ историјата, зборуваше дека таквите настани во светот секогаш ја отвораат темата за суштината на секоја војна и можноста од мировни решенија на конфликтите, се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов.

За време на посетата на Едрене, покрај средбите со раководството на Универзитетот Тракија и разгледувањето на универзитетскиот кампус, остварил средба со студентите од Република Македонија кои студираат на различни факултети во рамките на овој универзитетот и со проф. д-р Џунеис Нурески од Република Македонија, кој предава на овој универзитет. Исто така, тој остварил и одделни средби и со Валијата, односно Гувернерот на Едрене, Јунус Сезан, а го посетил и Почесниот конзулат на Република Македонија во Едрене, каде имаше прилика за срдечна и пријателска средба со почесниот конзул, Есер Џевахир. цр/ев/

Фото: Кабинет на поранешниот претседател Ѓорге Иванов

 

Остани поврзан