• понеделник, 13 мај 2024

Поранешниот малезиски премиер Наџиб Разак побара од судот остатокот од казната да го отслужи во домашен притвор

Поранешниот малезиски премиер Наџиб Разак побара од судот остатокот од казната да го отслужи во домашен притвор

Куала Лумпур, 5 април 2024 (МИА) - Малезискиот поранешен премиер Наџиб Разак, кој е во затвор, сака да го отслужи останатиот дел од казната во домашен притвор, два месеца откако му беше преполовена казната за корупција.

Во неговата ненадејна молба, поднесена во понеделникот, се вели дека има „јасни информации“ дека тогашниот султан Абдула Султан Ахмад Шах издал наредба за време на состанокот на одборот за помилување, со што му била преполовена 12-годишната казна и драстично намалена паричната казна, дозволувајќи му да ја доврши во домашен притвор.

Наџиб побара од судот да и наложи на владата да ја потврди и спроведе наредбата. Неговата молба требаше да биде разгледана во четврток, но е одложена за 17 април.

Султанот Абдула потекнува од родниот град на Наџиб, Паханг. Тој го заврши своето петгодишно владеење на 30 јануари под единствениот ротирачки монархиски систем на Малезија. Новиот крал ја презеде функцијата на 31 јануари.

Наџиб (70) отслужи помалку од две години од казната, која треба да заврши на 23 август 2028 година, откако му беше ублажена. Тој беше обвинет и прогласен за виновен во случај за корупција поврзан со грабежот од повеќе милијарди долари на државниот фонд 1Malaysia Development Berhad. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан