• сабота, 23 ноември 2024

Поради бактериолошка загаденост забранета за пиење водата од јавните чешми во четири села во Виничко

Поради бактериолошка загаденост забранета за пиење водата од јавните чешми во четири села во Виничко
Кочани, 29 август 2022 (МИА) – Поради бактериолошка загаденост забранета за пиење, готвење или за одржување на личната хигиена е водата од јавните чешми и водоводите во виничките села Липец, Лаки, Крушево и Трстија. Испитувањата на земените примероци вода, што пред неколку дена ги изврши Центарот за јавно здравје од Кочани, покажуваат недозволено присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи, ешерихија коли и псеудомонас аеругиноза. Како превентивна мерка, од Центарот е упатена препорака до локалната самоуправа на Виница да го извести населението и да постави табли дека водата е неисправна за користење. По барање на Општина Виница, испитување на водоводите се направени и во селата Виничка Кршла, Калиманци, Трсино, Драгобраште, Градец и Пекљани, но таму резултатите одговараат на законските прописи и стандарди за биолошка исправност. -Освен бактериолошката неисправност, при физичко-хемиската анализа на примероците од водоводите во селата Трсино и Крушево е регистрирано дека водата не одговара на законската регулатива и заради зголемена потрошувачка на калиум перманганат. Поради тоа, потребна е соодветна преработка, таложење, флокулација, коагулација и филтрирање, се истакнува во писменото известување од Центарот за јавно здравје – Кочани. Од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека концентрацијата на резидуален хлор во водоводот во селото Калиманци е многу висока, поради што тој треба редовно да се контролира и нивото да не надминува 0,5 милиграми на литар. та/дма/

Остани поврзан