• понеделник, 18 ноември 2024

Популацијата на балкански рис е стабилна, но, се соочува со одредени закани

Популацијата на балкански рис е стабилна, но, се соочува со одредени закани

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Популацијата на балканскиот рис е доста мала, се работи за околу четириесетина, педесет рисови во природа на кои им треба секаков вид на помош, од страна на македонските институции, невладиниот сектор, меѓународното тело, со цел да се овозможи што поголема заштита на балканскиот рис на овие простори во Западен Балкан. Сега засега сметаме дека популацијата е стабилна, дека не опаѓа, меѓутоа се соочува со одредени закани, како што се размножувањето во сродство, што пркоси на мали изолирани популации и може да придонесе до огромен пад и на крај, целосно да исчезне таа популација. 

Ова го истакна денеска Диме Меловски, раководител на програмата за зачувување на диви животни во Македонското еколошко друштво, кој ја презентираше програмата за закрепнување на балканскиот рис во Европската куќа во Скопје.

Тој потсети дека станува збор за една долгогодишна континуирана програма што се работи во три држави на Балканот - Македонија, Албанија и Косово. 

- Тука сме да ги презентираме резултатите, пред институции што главно се занимаваат со меѓународни прашања. Има тука и претставници на невладини организации, на амбасади. Се е под покровителство на евроамбасадорот Дејвид Гир. Целта е да ги информираме за тековните случувања со проектот и да понудиме соработка, рече Меловски. 

Тој појасни дека оваа фаза од програмата ќе трае уште во наредните четири години. 

- Мислам дека овие наредни четири години ќе биде клучно, што повеќе да се има соработка со сите институции, кои барем малку ја допираат заштитата на животната средина. Со цел да имаме поддршка во справување со оваа последна закана што ја детектиравме, размножувањето во сродство, додаде Меловски. 

Пред присутните се обрати и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија. Тој истакна дека заштита на природата, одржување на биодиверзитетот и подобрување на одржливото користење на природните ресурси, отсекогаш биле мошне важни за Европската Унија. 

Тој рече дека кризата со биодиверзитетот мора да дојде во преден план на глобалната политичка агенда, исто како и климатските промени.

- Северна Македонија е домаќин на богат биодиверзитет, вклучувајќи многу загрозени, ретки и ендемични видови, како и релативно големи нерасипани екосистеми. Глобалниот тренд на биодиверзитетска загуба, ја погодува и оваа држава, па акции кон заштита и зачувување на такво богатство е од најголема важност, посочи Гир.

Тој додаде дека Македонското еколошко друштво е особено ценето за активизмот што го демонстрира за заштита на природата, вклучувајќи ја борбата против биодиверзитетската загуба.

Сегашните предизвици во зачувување на природата, подвлече Гир, може да бидат решени само со заедничка посветеност на сите и акција на секој од нас.

Дека темата е важна, се осврна и Робертина Брајаноска, извршен директор на Македонското еколошко друштво.

Таа исто така нагласи дека е многу важна соработката меѓу институциите и сите други субјекти, за зачувување на овој вид и подобрување на популацијата. Затоа, додаде, голема е и заинтересираноста на досегашните партнери од странство, кои имаат помагано во овој процес. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан