• петок, 22 ноември 2024

Поплочени повеќето улици во село Пласница

Поплочени повеќето улици во село Пласница
Кичево, 4 април 2022 (МИА) - Инфраструктурната активност во општина Пласница изминативе  два до три месеци бележи значаен пораст. Се градат повеќе улици во општинскиот центар, а во соседните Преглово и Лисичани, речиси да нема улици што не се асфалтирани или поплочени со бекатон плочки. Средствата за оваа намена, како што потврди за МИА градоначалникот Алија Јаоски,  се обезбедени преку  Бирото за регионален развој. -Со средства обезбедени од Бирото за регионален развој и годинава продолжуваме со интензивна инфраструктурна активност во нашата општина. Во изминатиов месец завршени се улиците кои водат до резервоарот за вода над селото, пат кој е од исклучителна важност, бидејќи при одредени проблеми  со водоснабдување  беше тешко да се стигне до резервоарот. Покрај оваа улица изградена деновиве со должина од 400 метри, поплочена е уште една од главните  улици во Пласница подолга од 700 метри и со широчина од 4,5 метри. Оваа улица е најважна  во периодот кога луѓето од дијаспората се тука, за да има доволно простор да ги паркираат возилата, појасни Јаоски. Нешто порано, додаде, ја изградивме и  улицата која води до селските гробишта и која беше тешко проодна во периоди на снег и мраз. Денеска состојбата е значително  подобрена. Најави целосна покриеност на улиците во општината со современа подлога. -Интензивната инфраструктурна активност последните неколку години придонесе 95 проценти од улиците во селата Лисичани и Преглово да имаат  асфалт или бекатон плочки, а забрзано се спроведува изградба на современи сообраќајници и во општинскиот центар Пласница. Нашиот оптимизам оди до таму, што до крајот на оваа календарска година очекуваме и во село Пласница да добијат современа подлога над 90 проценти  од селските улици, посочи Јаоски.за/вј/

Остани поврзан