• петок, 22 ноември 2024

Поплавите во Италија ја откажаа првата трка на Вуков

Поплавите во Италија ја откажаа првата трка на Вуков

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Во текот на вчерашниот ден беше лиферувана вест дека поради поплавите во регионот на Емилија Ромања, ќе биде откажан Гран при викендот на патеката во Имола.

 

Македонскиот возач Ристо Вуков токму на оваа патека требаше да ја започне својата кампања во Порше Суперкуп, натпреварување кое се вози во склоп на Ф1 викендот.

 

- Најнапред, сакам да испратам порака за поддршка до италијанскиот народ и спасувачките служби кои работат во погодениот реон. Не се сомневам во потребата од ваква одлука на организаторите, ќе беше невозможно да се организира нормален Гран при викенд, а притоа да се знае дека некој се бори за живот. Во моментов сите мои надежи се за што побрза нормализација на ситуацијата во поплавените подрачја, изјави Вуков.

 

Тој за идниот викенд во Монте Карло се подготвува заедно со Андреј Кулунџиќ на патеката „Навак“ крај Белград.

 

- Андреј е поранешен возач во Порше Суперкуп и неговите искуства се драгоцени за мене бидејќи од оваа временска дистанца тој може да препознае кои од моите дилеми се реални, а на кои не треба да им обрнувам внимание. Недостатокот на тренинг патека во Македонија е голем проблем, па можноста да се тренира во Србија со него е најдоброто нешто што можеше да се обезбеди, со цел да останам фокусиран и да ја темпирам својата форма. Искрено се надевам дека веќе на 28 мај за време на гран при викендот во Монако ќе се покаже дека овие подготовки биле полн погодок, додаде македонскиот автомобилист. зс/

 

 

Остани поврзан