• недела, 24 ноември 2024

Поништена постапката за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компромитиран воздух за операционите сали на хируршките клиники

Поништена постапката за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компромитиран воздух за операционите сали на хируршките клиники

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Поништена е постапката за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компромитиран воздух за операционите сали на хируршките клиники бидејќи не пристигнала ниту една понуда, информираа за МИА од Јавната установа од областа на здравството за потребите на ЈЗУ УК, завод и ургентен центар - Скопје.

Станува збор за проблемот со компресорите во некои хируршки сали на Клиничкиот центар во Скопје. Претставници на германска фирма беа во посета со цел да извршат испитување.

- Согласно роковите определени во Оперативниот план доставен до Владата на Република Северна Македонија, на ден 28.06.2024 година на страната на ЕСЈН беше објавена поедноставена отворена постапка за јавна набавка на работи - набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух, оглас број 10891/2024. Крајниот рок за доставување на понуди беше 15.07.2024 година до 11:00 часот. Проценетата вредност на постапката беше 18.644.068 денари без ДДВ, појаснуваат оттаму.

Во тендерската документација била предвидена задолжителна посета на локација заради важноста на самата набавка за здравјето и безбедноста на пациентите.

- Посета на локација побараа три економски оператори и на истите им беше овозможено посета на локација. За нас од непознати причини, до денот на отворање не е пристигната ниту една понуда, додаваат надлежните.

Тие денеска донеле одлука за поништување на постапката, за што биле информирани Владата и Министерството за здравство. Побарани биле натамошни насоки за постапување.

Во мај, се бараше во што е дефектот и од каде се шири непријатна миризба во некои операциони сали. Определен временски период, пациенти се препраќаа и во ГОБ „8 Септември“ и на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

Министерот за здравство Арбен Таравари на 1 јули изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите за хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје, но и дека доколку е потребно ќе се обиде да се најде начин за реновирање и на салите во болницата „8 Септември“.  

- Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме, ние ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар, изјави министерот на средба со новинарите.

Прашан околу реновирање на хируршките сали на ГОБ „8 Септември“, тој кажа дека таму не бил, но, оти слушнал оти салите не се во добра состојба.

- Дефинитивно и во Клинички центар јас кога бев во салите, навистина не изгледаат добри. Во „8 Септември“ не сум бил да ги видам салите, меѓутоа ми кажуваат дека и таму не се во добра состојба. Меѓутоа, морам да се консултирам и со финансии да видиме како стоиме со финансиски средства. Ако добијам дозвола, јас се надевам дека што побргу што можам, не можам да кажам рок сега, бидејќи ми треба да видам што се можностите. На Клинички центар ќе се обидам што побргу и на „8 Септември“ доколку имаме начин некако да се менаџира плаќањето во неколку години ќе инсистирам и таму да завршиме или да започнеме со реновирање, одговори Таравари. бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан