Полковник Мајкл Рандрианирина положи заклетва како претседател на Мадагаскар по државниот удар од пред три дена
- Военото преземање на власта беше осудено од Обединетите нации, додека Африканската унија го суспендираше Мадагаскар од членство.
Антананариво, 17 октомври 2025 (МИА) - Полковникот Мајкл Рандрианирина денеска положи заклетва како претседател на Мадагаскар, три дена откако војската ја презеде власта со државен удар, јавија британските медиуми.
Церемонијата се одржа во Високиот уставен суд во Антананариво, под силно воено обезбедување.
Рандрианирина, командант на елитната воена единица CAPSAT, дојде на чело на земјата по неколку недели протести предводени од младите, што доведоа до бегство од земјата на досегашниот претседател Андрије Раџоелина.
Военото преземање на власта беше осудено од Обединетите нации, додека Африканската унија го суспендираше Мадагаскар од членство.
Раџоелина беше отповикан во парламентот кратко пред да биде објавено дека војската ја презема контролата.
Рандрианирина објави дека преодниот период под воениот совет ќе трае помеѓу 18 и 24 месеци, до одржување на нови избори.
Мадагаскар, островска нација со околу 30 милиони жители, се соочува со длабока сиромаштија и хронична политичка нестабилност.
Според Светската банка, околу 75 проценти од населението живее под линијата на сиромаштија.
Протестите што му претходеа на државниот удар беа предизвикани од недостиг на вода и електрична енергија, но набрзо се претворија во пошироко незадоволство поради високите трошоци за живот, корупцијата и непотизмот.
Рандрианирина рече дека преземањето на власта е чин на „граѓанска и патриотска одговорност“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја осуди „неуставната промена на владата“ во Мадагаскар и повика на враќање на уставниот поредок и владеењето на правото, изјави неговиот портпарол, Стефан Дижарик.сд/
фото:МИА архива