Политико: ОН се обидуваат да посредуваат за договор со Русија за извоз на украинско жито
- Обединетите нации се обидуваат да посредуваат во договор со Русија за да и овозможат на Украина повторно да извезува жито преку Црното Море, додека официјални лица и функционери од администра
Вашингтон. 6 јуни 2022 (МИА) – Обединетите нации се обидуваат да посредуваат за договор со Русија за да и овозможат на Украина повторно да извезува жито преку Црното Море, додека официјални лица и функционери од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се многу скептични дека Русија работи со добра волја, пишува денеска Политико.
Според порталот, нивната примарна причина за песимизам се неодамнешните коментари на рускиот претседател Владимир Путин и руски функционери кои сугерираат дека ќе ја ублажат блокадата на украинските пристаништа доколку, за возврат, Западот ги укине економските санкции против Москва.
Американски функционер го опиша предлогот на Москва како „дипломатија на изнудување“ и рече дека САД нема да се согласат на договор што ќе стави каков било крај на економски притисок врз Кремљ.
Секој договор да ѝ се дозволи на Украина да извезува жито пред летната жетва на пченицата ќе биде голем чекор напред, а американските власти и светските компании внимателно ги следат преговорите на Русија со ОН, како и одделни разговори со Турција за да се овозможи безбеден влез на украинското жито на светските пазари.
Блокадата на украинските пристаништа ги смени глобалните трговски патишта и се заканува финансиски да ја задуши Украина и да ја продлабочи кризата со глад ширум светот, оценува Политико.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се обидува да постигне договор со кој ќе се погрижи украинските и руските товари со храна и ѓубрива безбедно да стигнат до странските пазари.
- Тешко е да се гледаат руските понуди во добра намера со оглед на тоа како тие активно и намерно ги уништуваат прехранбените производи во Украина и ја влошуваат глобалната несигурност во однос на храната, рече американски функционер, мислејќи на тековните напади на руските сили на врз украински земјоделски објекти и полиња. јт/