• петок, 05 декември 2025

Покрената судска постапка за злоупотреба на ЕУ фондови во Словачка 

Покрената судска постапка за злоупотреба на ЕУ фондови во Словачка 

Брисел, 23 јули 2025 (МИА) – Врз основа на истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), Европското јавно обвинителство покрена обвинение пред Словачкиот специјализиран суд против едно лице и една компанија во врска со сомнежи за злоупотреба на средства од Европскиот фонд за регионален развој (ЕРДФ). 

Како што соопшти ОЛАФ, станува збор за случај поврзан со исплата на грант од ЕРДФ во 2018 година за кофинансирање на изградбата на картинг центар во Словачка.  

Врз основа на ревизорски извештај на Европската комисија, ОЛАФ во 2020 година започнал истрага насочена кон почитување на процедурите за јавни набавки и имплементацијата на проектот. 

Истражителите на ОЛАФ откриле дека доделените средствата не биле потрошени во корист на подносителот на барањето за исплата на грантот, туку на трета страна која немала право да добие финансии од ЕУ. Истрагата утврдила дека во текот на фазата на аплицирање и имплементација на проектот биле променети условите, со што е прекршен договорот за исплата на грантот. 

За резултатите од истрагата ОЛАФ во 2022 година поднел извештај до Европското јавно обвинителство, во кој се укажува на потенцијални прекршувања на Кривичниот законик на Словачка од страна на актери поврзани со проектот. ОЛАФ, исто так, и препорачал на Европската комисија да обезбеди враќање на целата сума исплатена за реализација на проектот во износ 199.795,20 евра. Овој износ бил целосно вратен во 2023 година, се додава во соопштението на ОЛАФ. 

Доколку физичкото лице осомничено за злоупотреба на европските фондови биде прогласено за виновно, може да се соочи со затворска казна до шест години и парична глоба до 331.930 евра. Осомничената компанија, пак, може да се соочи со забрана за добивање средства од фондовите на ЕУ во период до 10 години, како и парична казна до 1,6 милиони евра. сп/вг/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан