• среда, 03 јули 2024

Показна вежба за правилно укажување прва помош во Куманово

Показна вежба за правилно укажување прва помош во Куманово
Куманово, 15 септември 2022 (МИА) - Показна вежба за пружање прва помош се одржа денеска во Куманово во организација на Црвениот крст и СВР Куманово. Волонтерите на Црвениот крст симулираа незгоди на повредени лица од тврд предмет, од сообраќајна незгода или повреда од пожар. Возачите кои ги стопираше полицијата ги покажаа и обновија знаењата по прва помош. Во денешната вежба се приклучи екипа на Итна помош Куманово. -Возачите на овој начин имаа можност да се потсетат на часовите на прва помош кои се посетуваат пред полагање на возачкиот испит и да покажат како треба да пружат прва помош во случај на сообраќајна незгода во која има повредени патници, кажаа од отсекот за превенција од СВР Куманово. Секретарот на општинската организација на Црвениот крст Куманово, Ива Младеновска најави дека целиот месец ќе го посветат на укажување на прва помош и дека кумановска екипа ќе учествува на Конвенција која ќе се одржи во Битола, овој викенд. -Црвениот крст на РСМ започна со кампања по прва помош под мотото „Првата помош спасува живот“ со која е предвидено до крајот на годината да се спроведат бесплатни обуки за деца од основни и средни училишта во целата земја. На овие обуки децата ќе имаат можност да стекнат основни знаења за укажување на прва помош како брза и витална интервенција чија цел е да се спаси човечки живот, но и да се намалат компликациите од настанати повреди и инвалидитет, велат од Црвен крст Куманово. Општинската организација Куманово предвидела да обучи 2 204 ученици од 12-18 години од основните и средни училишта на територијата на општината. Обуката ќе ја спроведуваат предавачи/демонстратори по прва помош која ќе трае до 15 декември годинава. По завршување на обуката сите ученици ќе добијат благодарници за учество.ам/свс/

Остани поврзан